Народната банка ги намалува надоместоците кои ги наплатува од деловните банки од први август. Гувернерот Трајко Славески очекува банките да го следат овој сигнал и да ги поевтинат тарифите и надоместоците кон граѓаните и фирмите. Тој очекува ова да донесе пониски трошоци за електронски плаќања и поевтини услуги за населението. Се намалуваат и трошоците на државните претпријатија за плаќања во евра. Не е тајна дека некои од банките во последниов месец излегоа со нови тарифници со повисоки надоместоци за граѓаните. Славески вели дека тие веројатно биле донесени пред оваа одлука и очекува банките да бидат фер и да ги поевтинат услугите.
Засега централната банка нема да излезе со мерки за сузбивање на инфлацијата. Гувернерот истакна дека порастот на трошоците на живот во последниве месеци бил поради еднократни фактори како поскапување на сезонското овошје и зеленчук. Тој очекува инфлацијата да се стабилизира. Сепак, го загрижуваат шпекулативните потези на пазарот на недвижности. Се размислува за сериозни мерки за стабилизирање на пазарот.
Инфлацијата се искачи на 4,5% во јуни на годишно ниво. Очекувањата според ребалансот на буџетот е таа да се намали до 2,8% годинава.
