Македонија е во топ трите земји по преземени мерки за ублажување на ценовниот шок на горивата. Меѓународниот монетарен фонд ја стави Македонија на трета позиција на стариот континент за ефикасно справување со кризата по конфликтот на Блискиот исток.
А откако Владата ги продолжи мерките, се очекува намалување од денар и половина на дизелот и бензините на утрешната седница на Регулаторната комисија. Македонија го задржува првото место во регионот по најефтини горива. Владата одлучи до четври мај да остане на сила мерката, намалување на акцизите за нафтата за 4 денари, односно на бензините за два денари по литар. ДДВ-то за безнините ќе остане на 10 проценти додека за нафтата се враќа на 18 отсто. Премиерот Христијн Мицкоски вели дека Владата навремено интервенира со што се спречи наглото зголемување на цените на нафтените деривати.
- „Нашите политики се во линија со светските трендови. Според анализите на ММФ, сме меѓу првите три земји во Европа според применетите мерки за справување со ценовните шокови“ – истакна Мицкоски.
Со оглед на тоа дека откупните цени на дизелот паѓаат, Владата одлучи ДДВ-то да го врати на 18 проценти, рече премиерот, бидејќи и покрај тоа сепак ќе има поефтинување на дизелот.

- „Со оглед на движењето на цените на дизел горивата на плац, заклучивме дека со враќање на ДДВ на 18 проценти повторно ќе имаме намалување на цената на дизел горивото имајќи го во предвид просекот од минатата недела. Додека пак кај бензините таа состојба не беше таква и доколку го вратевме и таму ДДВ на 18 проценти тогаш ќе имавме зголемување на цената на бензините, затоа одлучивме да остане и следните две недели 10 проценти со што би имале повторно намалување на цените на бензините…“рече премиерот Мицкоски.
Паралелно, за намалувањето на цената ќе придонесе и продолжувањето на попустот кој Окта го дава на коминтентите од 3 денари на литар за дизел горивото, односно 2 денари за бенизните и ќе трае до крајот на април. Премиерот вели дека со ова сите лаги на СДСМ паднаа во вода.
- „СДСМ лажеше за мигранти, лажеше дека ќе сме банкротирале, лажеше дека нема да има за пензии, па така излажа и за мерките кои ги применивме. Подготвени ја пречекавме енергетската криза која зависи од геополитичките случувања. Според Меѓународниот монетарен фонд ние сме на третото место во Европа“, изјави Мицкоски.
Владата преку мерките, засега успева да обезбеди сигурност и кај граѓаните, но и кај бизнис секторот. Од Владата стојат на ставот дека тие и понатаму секојдневно ќе ја следат состојбата и ако треба веднаш ќе реагираат со нови мерки.
