Реформата во одбраната веќе ги дава првите позитивни резултати носејќи сигурност и трајно решение за нашите професионални војници. Денеска, во Министерството за одбрана (МО) беа потпишани договори за вработување со професионални војници кои навршуваат 45 години возраст како цивилни лица во Министерството, чиј статус ќе се трансформира во цивилни лица во македонската Армија – информираа од МО.

– Денешното потпишување договори е токму резултат на реформата што професионалните војници претходно не беа во можност да ја користат. Војниците што денеска ги потпишаа договорите за вработување на неопределено време претходно планираа да заминат со финансиски надомест (испратнина). Наместо да ја напуштат службата, тие по 45-тата година ќе продолжат да работат како цивилни лица сè до нивното пензионирање. Оваа суштинска реформа, која е резултат на заедничката работа со претставниците на синдикалните здруженија и со Генералштабот, по повеќе децении става крај на неизвесноста и на професионалните војници им отвора нова, дополнителна можност – трансформација на работниот статус од определено на неопределено време. Притоа, досегашните законски опции, како испратнината во висина од две просечни плати во државата за секоја помината година во Армијата, како и префрлањето во органите на државната и локалната власт, и понатаму остануваат во сила за оние што тоа ќе го изберат – велат од МО.

Нагласуваат дека ставот на Министерството за одбрана и Генералштабот е едногласен: не постои подобар, поискусен и пообучен персонал за извршување на задачите од луѓето што го поминале својот работен век во Армијата.
– Професионалните војници се еден од столбовите на нашата безбедност и ова е вистинскиот начин државата да им се оддолжи за нивниот придонес – потенцираат од МО.

