На Онкологија ќе се работи законски и во интерес на пацинетите. Нема лекови на реверс како што дозволуваше предходната влада, нема повеќе јавни набавки без оглас и требување на вишок терапија за болните од рак – уверува премиерот Христијан Мицкоски. Тој е дециден дека завршува времето на злоупотреби на омилената веледрогерија на СДСМ која, според него , заработувала на лекови по екстремно високи цени на грбот на пациентите.
“Нас најлесно ќе ни беше да продолжиме по принципот „како до сега“, односно една омилена веледрогерија на претходната Влада, да ја негуваме и третираме како тоа што го правеше претходната Влада, да добиваме лекови на реверс кои што три до четири пати повеќе ќе ги плаќаме, без соодветна тендерска процедура, па сето тоа потоа да се враќа. Или да спроведеме законска тендерска процедура во која што снабдувачите на ваков тип на лекови ќе обезбедат за пациентите”, изјави премиерот Мицкоски .
Договорот од 2,3 милиони евра за биолошка терапија, склучен со веледрогеријата „Пановски“ од страна на Клиниката за онкологија, го коментираше Мицкоски, објаснуваќи дека оваа компанија ќе продолжи да добива тендери, бидејќи соработува со една од водечките светски компании за производство на вакви лекови, но нагласи дека главната разлика е што сега нема да се користат лекови на реверс.

“Претпоставувам во иднина ќе има такви договори. Затоа што таа веледогерија соработува со светска компанија која е производител на дел од тие лекови коишто се аплицираат на пациентите. И природно е во иднина истата веледрогерија, се додека соработува со таа светска компанија, станува збор за една од врвните пет компании во светот, кога ќе има јавни набавки, претпоставувам, да се јавува и да добива, но разликата е што сега повеќе нема реверси. Разликата е што сега има јасна контрола на вијалите кои се аплицираат – каде, колку и на кои пациенти се аплицираат”, рече Мицкоски.
Иако дел од пациентите останаа без терапија, Мицкоски уверува дека недостигот на лекови е краткорочен проблем, кој ќе биде трајно решен. Ситуацијата на онкологија “ги крена на нозе” власта и опозицијата.Тие со меѓусебни обвинувања се докажуваат кај кого е вината за морбидниот случај кој беше обелоденет пред две години. Според ВМРО ДПМНЕ, Венко Филипче е главниот виновник за незаконското работење а клиниката. Опозицијата пак, обвинува за политичка хајка против претседателот на партијата. Случајот е во рацете на ОЈО во кој осомничени се петмина.Во моментов се чека вештачењето од Словенија на 51 медицинска историја од клиниката па потоа обивинителството ќе се изјасни.
