Реклама
Економија

Мицкоски: Германска и турска компанија ќе инвестираат во Македонија

Со поволна бизнис клима до повеќе инвестиции. Нови вложувања и отворање работни…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Со поволна бизнис клима до повеќе инвестиции. Нови вложувања и отворање работни места на две нови странски инвестиции најави премиерот Христијан Мицкоски. Едната компанија која го потврдила влезот во Македонија е од Турција, а другата од Германија. Двете инвестиции „тежат“ 80 милиони евра, а нивните планови се во земјава да вработат илјада луѓе. Премиерот вели дека не се работи за вложувања во автомобилскиот сектор, кој доминира меѓу странските компании кои се присутни во индустриските зони, туку дека се работи за фирми кои произведуваат висока технологија. Намерата е во несигурни и ризични времиња за автоиндустријата, да се привлечат компании од други сектори. Тој очекува уште три компании до крајот на годинава да го потврдат влезот во Македонија.

„Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но се разбира и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“ – вели премиерот. 

Не вложуваат само странците, туку и  македонските гиганти во бизнисот ги шират капацитетите. Фармацевската компанија „Алкалоид“ инвестира над 3 милиони евра во нова микробиолошка лабораторија. Зголемениот капацитет од 20 илјади анализи годишно, треба да му овозможи на Алкалоид да тестира нови лекови, да го прошири производството и да го зголеми извозот кој сега изнесува 220 милиони евра.

Реклама

Токму инвестициите на домашните, но и на странските компании треба да бидат еден од двигателите на економскиот раст догодина. Владата очекува зголемување на производствените капацитети на македонските компании, особено откако се издејствуваа поволни кредити обезбедени со заем од Унгарија. Дополнително се преговара со заинтересирани фирми од странство кои сакаат да го преселат или прошират производството во Македонија.