Турската „Казанџи груп“ со полна пареа ја планира инвестицијата во Македонија од една милијарда евра. Премиерот вели дека во моментиов преговара со компанијата околу локацијата на која треба да ги изгради когенеративните гасни електрани. Во игра се поголемите градови како Скопје, Тетово и Куманово, но и индустриските зони во другите градови. Мицкоски потенцира дека интензивно се работи на подготовка на зоните за влез на нови инвеститори, а Владата била во преговори и со други странски компании за ваков вид на инвестиции.
– Очекувам да ги прецизираме локациите. Во игра се неколку локации во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар односно поголемите градски средини. Имајќи предвид дека во Битола веќе ќе се затвори проблемот со затоплување, остануваат Прилеп, Велес, Штип, Кавдарци… Покрај Казанџи веќе сме во преговори со потенцијални други инвеститори за инвестирање во ваков тип на проекти – посочува Мицкоски.
Инвестициите на Казанџи груп, Алказар енерџи, Магна, Чагатај Кабло и многу други треба и тоа како да ги зголемат извозот и девизните приливи во земјава. Очекувањата се странските инвестиции да достигнат над една милијарда и 200 милиони евра за една година од стартот на мандатот на оваа Влада. И покрај тоа што тие треба да придонесат кон економски раст од 3,7% годинава, удар врз економијата можат да зададат царините од САД. Премиерот Мицкоски вели дека Владата е во интензивни преговори со администрацијата на Трамп. Оптимист е дека преговорите се движат во правилна насока и дека ќе вродат со плод откако Македонија ги сведе на нула увозните царини со САД. Тој очекува до крајот на месецот да се постигне договор.

Голем придонес кон економскиот раст треба да имаат и инвестициите на домашните компании. Досега се потрошени 150 милиони евра, пари од унгарскиот кредит кои беа наменети за инвестиции на компаниите. Во четврток и општините треба да ги потпишат договорите за инфраструктурните проекти кои ќе ги реализираат со унгарски пари. По информациите за минимален раст на инфлацијата, премиерот Мицкоски вели дека уште денеска ќе има состанок со министерот за економија Бесар Дурмиши со кој, врз основа на анализите, ќе разговара дали и што треба да се преземе во наредниот период.

