Крајот на новогодишната кошница нема да предизвика нов ценовен шок. Бизнисот и Владата се согласија дека треба да се направи се, за најголем дел од цените и во наредниот период да останат исти. За ова веќе раговарал заменик министерот за економија Марјан Ристески со Стопанската комора кој на заеднички состанок им порача на дистрибутерите и маркетите дека очекува да направат максимални напори да ги задржат истите цени на производите и по крајот на акцијата. Доколку тие не го сторат тоа, од министеството најавуваат дека ќе ги искористат сите начини да го заштитат стандардот на граѓаните.
„Сите учесници треба да се воздржат од зголемување на цените на прехранбените производи кои беа дел од оаа акција и во таа насока се подготвени да комуницираат во духот на соработката. Беше упатен апел и опомена до сите чинители во ланецот на прехранбени производи во наредниот период да не дојде до зголемување на цените на основните прехранбени производи, по завршување на Новогодишната кошница, за да не се носат мерки страна на Министерството за економија и труд, односно беше кажано дека Министерството ќе ги искористи сите механизми кои ги имаме на располагање за да се заштити стандардот на граѓаните“ – Министерство за економија и труд.
Дел од маркетите веќе најавија дека во следните 6 месеци ќе бидат замрзнати не само цените од новогодишната кошница, туку и 100 нови основни продукти кои им требаат на домаќинствата. Ланците маркети ќе имаат и дополнителни акции и промотивни активности со поволности за купувачите. Сепак, од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека од денеска пазарот е либерализиран, што може да значи и покачување на некои цени. Тие сметаат дека треба да се креираат и понатаму вакви акции на задржување на цените на прифатливо ниво.

Акцијата новогодишна кошница за првпат беше иницирана и спроведена од бизнис секторот, а не со одлука на Влада. Во текот на следните недели се очекуваат анализи на ефектите од ваквата акција. Државниот пазарен инспекторат ќе остане на терен да ја следи состојбата со цените. Инаку На самиот старт на новогодишната кошничка, јавноста реагираше дека за сметка на одредени прехранбени производи коишто се намалени, значително поскапеле други производи кои не беа дел од кошничката и тоа до 30%. Откако трговците беа предупредени да ги спуштат цените надолу инаку ќе следува замрзнување на цени, тие ја послушаа Владата. Министерот Дурмиши најави дека ако цените повторно се вивнат нагоре, ќе реагира преку замрзнување на маржи или цени за да го заштити стандардот на населението. Од Организацијата на потрошувачи, пак, очекуваат доследна примена на Законот за нефер трговски практики и работа на Пазарниот инспекторат. Повторно вакво намалување на цените е најавено и во март за Рамазан и во април за Велигден.
