Компаниите ќе ги добијат средствата од солидарниот данок кој претходната Влада му го наметна на бизнисот. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека интензивно се преговара со компаниите за тоа во кој временски период и на колку рати да се вратат уплатените речиси 50 милиони евра. Предлогот на министерстерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска кој е веќе доставен до компаниите е парите да им бидат исплатени на две рати. Првата во март следната година, а втората во март 2027 година. Би се преговарало и за исплата на повеќе рати, но најмногу до 5. Премиерот вели дека преговорите течат во добра насока, некои фирми веќе го прифатиле предлогот.
„Има, нормално, компании што прифаќаат и поинакви услови, и кои што негодуваат, различни се импресиите и впечатоците, но генерално можам да кажам дека состојбата е таква, да тоа што го направи минатата влада на СДСМ и ДУИ на незаконски начин и неуставно ќе треба да го врати оваа Влада и жалам што тие што го направија тоа не одговараат пред законот бидејќи душмански трошеа народни пари“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Мицкоски изрази жалење што поради лошата состојба во судството, од парите на граѓаните треба да се исплаќаат компаниите, поради лошите одлуки на претходната влада која на неуставен и незаконски начин му ја наметна оваа еднократна давачка на стопанството.

„Мене ми е жал што ни е такво законодавството и оваа гарнитура во Судскиот совет и Обвинителството која не повикува никого на одговорност. Тоа се сепак народни пари, ваши пари, вие ќе треба да ги враќате парите што некој ги трошел на незаконски и на неуставен начин“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Предлогот е засега парите да се враќаат без камата. Доколку Владата и бизнисмените не се договорат, обврската би можела да се зголеми за околу 15 милиони евра. Во 2023-та година, 156 компании уплатија 50 милиони евра врз основа на Законот за солидарен данок. Данокот од 30% се исплати еднократно и важеше ретроактивно, односно опфати фирми со профит поголем од 10 милиони евра во 2022 година. Главната цел на овој данок беше да се соберат средства за ублажување на економските последици од ковид кризата. Тогашната опозиција, а сегашна власт беше остро против донесувањето на законот. Негодуваше дека тоа е незаконски, а нема конкретен план на што ќе се потрошат собраните пари. Токму тоа и се случи. Откако овој февруари Уставниот суд го поништи Законот за солидарен данок, на Владата и се наметна обврска да ги враќа овие пари.
