Државата ги има основите за квалитетна здравствена заштита: законска рамка, Стратегија за здравство 2021–2030, Националент план за безбедност на пациентите, механизми за акредитација и дигитални системи како „Мој Термин“, но главниот предизвик е овие елементи да се поврзат во функционален национален систем со јасни одговорности, соодветни ресурси и редовно следење на напредокот, беше речено на денешната втора национална работилница, посветена на зајакнување на националната рамка за квалитет на здравствената заштита.
Работилницата се одржа со поддршка од Светската здравствена организација и во соработка со Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи (АКАЗУМ). Пред присутните се обрати министерот за здравство Сашо Клековски и беа презентирани резултатите од националната проценка на квалитетот на здравствената заштита.
Како што соопшти Министерството за здравство, проценката е спроведена во изминатите месеци со стручна поддршка од Канцеларијата на СЗО во Скопје и Канцеларијата на СЗО за квалитет на здравствената заштита и безбедност на пациентите во Атина, со примена на алатката на СЗО за национална проценка на квалитетот. Таа опфати преглед на документи, консултации со институциите, здравствените работници и претставниците на пациентите, како и теренски посети на клиники, болници и установи од примарната здравствена заштита.

– Имаме закони, стратегии и системи, но тие сè уште не функционираат како еден систем. Нашиот предизвик не е да донесеме нови документи, туку постојните навистина да профункционираат во практиката – изјави министерот Клековски.
Тој издвои три приоритети: безбедност на пациентите и надминување на културата на неказнивост, поврзување на финансирањето на здравствените услуги со квалитетот и јасно утврдување на одговорностите на секоја институција.
– Грешка што не е пријавена е грешка што ќе се повтори. Ни треба систем во кој пријавувањето е заштитено и од кој учиме, а здравствениот работник што пријавил добива поддршка, а не последици. Следниот чекор е подготовка на национален план за квалитет на здравствената заштита. Министерството ќе има водечка улога во тој процес, а Планот ќе содржи ограничен број приоритети, одговорни институции, потребни ресурси, рокови и показатели за следење на напредокот. Не ни треба уште еден документ што ќе остане на хартија. За секој приоритет ќе знаеме кој е одговорен, до кога и како ќе го мериме напредокот – посочи министерот.
Паралелно, како што наведуваат од Министерството, се работи на унапредување на законската рамка за квалитет, со цел да се воспостават стандарди и механизми за управување со квалитетот и следење на резултатите.

