Недостатокот на керозин ја загрозува летната сезона. Според проценките, цените на билетите би можеле да пораснат за најмалку 25%, особено ако нестабилноста продолжи. Авиокомпаниите ширум Европа алармираат дека недостатокот на авионско гориво ќе ги приземји авионите. Предупредуваат дека залихите се на критично ниско ниво. Европската асоцијација на аеродроми изрази сериозна загриженост за претстојната летна сезона, бидејќи има компании што имаат гориво за едвај неколку седмици. Авиокомпаниите веќе се подготвуваат за најлошото сценарио.
Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, изјави дека неговата компанија размислува да откаже 5 до 10% од своите летови помеѓу мај и јули доколку војната продолжи. Тој предупреди дека авиокомпаниите нема да имаат слобода на дејствување при одлучувањето кои рути да ги откажат, бидејќи снабдувањето со гориво ќе ги диктира нивните одлуки.
Цената на горивото за авиони во Европа достигна рекордно високо ниво во четвртокот, кога се зголеми на 1.900 долари за тон. Во пракса, тоа значи дека веќе купените билети не гарантираат сигурен лет во наредните месеци, доколку проблемите со снабдувањето ескалираат. Авио индустријата засега користи резерви, но добар дел од компаниите не добиваат сигурни гаранции за идни испораки.

„Иако во моментов има доволно залихи, трговскиот журнал веќе предупредува на недостиг. Врз основа на нивната прогноза, Португалија би можела да остане без керозин во рок од четири месеци, Унгарија во рок од пет, Данска во рок од шест, Италија и Германија во рок од седум, а Франција и Ирска во рок од осум месеци. Полска, сепак, е речиси самоодржлива и затоа помалку ранлива.Актуелната ситуација на Блискиот Исток и неизвесноста за тоа колку долго ќе трае навистина предизвикуваат загриженост во врска со достапноста на гориво за авиони во Европа“ – вели Уранија Георгуцаку, извршен директор на Авиокомпаниите за Европа–A4E.
Секторот веќе се бореше со структурни проблеми уште пред конфликтот. Поради санкциите врз руската нафта и намалувањето на бројот на рафинерии во Европа,, континентот е сè повеќе зависен од увоз. Упатените алармираат дека потенцијалното затворање или ограничување на клучни поморски правци, како Ормускиот теснец може дополнително да го влоши снабдувањето со авио гориво.
Последиците веќе се чувствуваат во индустријата. Туристичките работници предупредуваат дека, доколку се намали авио сообраќајот, прво ќе бидат погодени подолгите дестинации, додека регионалните и пократките линии би можеле да останат приоритет. Дел од компаниите веќе почнале да ставаат акцент на пократки и поекономични рути. Патниците веќе реагираат на зголемените цени. Некои откажуваат патувања или ги менуваат плановите поради поскапувањето.
Дополнително, хаос на европскиот континент во петокот предизвика и штрајкот на Луфтханза. Прекинот на работата на аеродромот во Франкфурт остави илјадници патници со откажани летови.
