Реклама
Прилози

ЈСП купи ден-два: автобусите имаат нафта за до четврток, за потоа Господ да е на помош, никој не знае како

Скопјани повторно оставени на цедило, автобусите имаат нафта само за два дена,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Скопјани повторно оставени на цедило, автобусите имаат нафта само за два дена, од четврток натаму „Господ напомош “ вели Меџит Идризи од синдикатот на ЈСП за Алфа. По проблемите со главниот снабдувач со горива за автобусите на ЈСП, компанијата „Пуцко Петрол“ кој ја прекинала испораката на нафта, синоќа пристигнале 20 тони гориво што се доволни за возењето на автобусите за една или две смени. Кога се расчу информацијата за проблемот со горивата, се прошири и информацијата дека автобусите ќе сообраќаат само два часа, но од ЈСП за Алфа го демантираа ова- без да ни дадат дополнителни информации.

„Обезбедени се, за денес и за утре тврдам дека нафта ќе има. Е сега мене прашањето ми е од среда натаму со скопјаните што ќе биде?  Сега немаат која друга агенција што треба да доставува нафта, веќе е раскинат договорот со „Пуцко Петрол“.“- изјави Меџит Идризи, генералниот секретар на СПАЈС.

ОД  „Пуцко Петрол“  пак велат дека не добиваат редовно пари за горивото што им го даваат на ЈСП, и затоа има потешкотии во набавката. ЈСП доцнело со месеци, дури и со години, велат од „Пуцко Петрол“.

Реклама

„Веруваме дека секој ќе се согласи дека доколку средствата биле наменски трошени и правилно менаџирани низ годините, обврските кон добавувачите би биле навремено исполнувани, а граѓаните би имале стабилен, сигурен и непречен јавен превоз. Во таа насока, за ненаменското трошење на јавните средства треба да сносат одговорност лицата кои управувале со буџетот и соодветните финансиски одлуки.“- велат од „Пуцко Петрол“.

Граѓаните револтирани велат дека состојбата е ужасна, автобусите ги чекаат со саати. Или доцнат или воопшто не доаѓаат, а  кога ќе се влезе внатре нема место ниту игла да се фрли.

„Состојбата е никаква утрово. Доцнат. Револт има меѓу народот. Се чека по пола саат, па дури и повеќе. Многу гужви има и турканици, жал ми е за младите што се брзаат и треба да стигнат на работа. Катастрофа, ова е нешто невидено, немам коментари.“- велат граѓаните.

Ова се претвора во секојдневие за скопјани, иако плаќаат карти, не добиваат никакви услуги. Скопје и вчера остана без јавен превоз, а илјадници граѓани беа оставени на улица, додека кај ЈСП се празнеа пероните и се редеа лути колони од луѓе што залудно ги чекаа автобусите. Веста дека автобусите се исклучуваат од линиите се рашири како молња и за час ја претвори транспортната мрежа во колапс, со застои, преполни такси-стојалишта и работници што пешачеа кон дома.

Трошењето пари во градското претпријатие го одбележа и аферата за набавка на гориво, додека протестираа приватни превозници. Кадар на СДСМ, поставен од Арсовска, од нафтена компанија „Пуцко Петрол“ чии сопственици се поврзани со ДУИ, на тендер набави гориво во вредност од 27 милиони евра, без рабат, односно попуст од 6 денари, што било случај во претходните јавни набавки. Јавноста ги обвинуваше дека со таа постапка, доплатиле дополнителни 1,4 милиони евра, што во тој момент беа доволни за да се надминат долговите кон приватните превозници.