Реклама
Македонија

🎥 Измени на Кривичниот законик: Жртвата на семејно насилство ќе добие правна заштита дури и ако се откаже од гонење

Насилникот кој ќе крене рака врз член од своето семејство, ќе се…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Насилникот кој ќе крене рака врз член од своето семејство, ќе се гони по службена должност и без жртвата да поднесе пријава. Со новите измени во Кривичниот законик, се предвидува за институциите веднаш да реагираат, доволно ќе биде случајот да го пријави и случаен минувач, кој ќе биде сведок на грозоморниот чин. Досегашната пракса покажува дека голем дел од жртвите, поради заплашување или економска зависност, се повлекуваат од постапката, поради што насилникот останува неказнет.

„Тоа е огромна промена, бидејќи многу жртви молчат поради срам, страв или притисок од околината. Сега системот нема да чека, тој ќе реагира. Со ова покажуваме дека како држава стоиме цврсто зад жртвите и дека насилството нема да се игнорира и дека секој чин на насилство ќе биде санкциониран. Ова е порака на надеж и охрабрување за сите што долго време страдаат во тишината“, изјави Стојне Митева од ЗГ „Скај плус“ од Струмица.

Ваквите измени ќе донесат суштествени промени, категорични се граѓанските здруженија кои се активно вклучени во борбата против семејното насилство. Жртвата ќе се охрабри, бидејќи ќе знае дека е заштитена, а насилникот нема да може да се сокрие зад ѕидовите на домот, како што беше случај досега.

Реклама

„Кога институциите ќе почнат да постапуваат веднаш, по службена должност, тоа ќе значи дека насилникот нема да може да се сокрие зад ѕидовите на домот. Насилниците ќе знаат дека ќе има последици, а жртвите ќе знаат дека не се оставени сами да се борат. Со ова може да се донесе вистинска промена, не само во бројките, туку и во свеста на општеството“, изјави Стојне Митева од ЗГ „Скај плус“ од Струмица.

Според анализите на граѓанскиот сектор, дури 70% од жртвите на семејно насилство, по пријавувањето, по притисок од насилникот или семејството, ги повлекуваат изјавите. Таков беше случајот и со убиството на 29-годишната штипјанка Емилија Пешева. По пријавата во Центарот за социјални работи, притисната од партнерот, ја повлекла изјавата, за по неколку месеци потоа, тој да ја лиши од живот.