Речиси две третини, односно 64,7 проценти од Ромите во земјата се наоѓаат надвор од формалниот пазар на труд, а иако имаат доверба во процесот на пристапување кон ЕУ, над 89 проценти стравуваат од младинска миграција во земјите на Европската Унија. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на проектот „Чекор по чекор до полноправно членство“ реализиран од Здружението „Ромски деловен информативен центар во Македонија“ (ЗРДИЦМ), со финансиска поддршка од Министерството за односи меѓу заедниците. На денешната презентација на резултатите беше упатен јасен апел за итна транзиција на ромската заедница од пасивни корисници на социјална помош во активни креатори на јавните политики и институционални партнери.
Според истражувањето, над 83 проценти од Ромите потврдуваат еднаков пристап до образовните институции. Сепак, во високото образование учествуваат само 22,7 отсто од ромската популација. Вработувањето дејствува како мост кон здравствената заштита, а невработеноста и неформалниот труд ја продлабочуваат здравствената исклученост. На прашањето за главен приоритет испитаниците ја посочија социјалната инклузија како обединувачка тема.
Ерџан Демир, министер без ресор во Владата на Македонија, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030, истакна дека проектот доаѓа во вистинско време и може да отвори нови поглавја во начинот на кој ги артикулира потребите, приоритетите, визијата и иднината на ромската заедница во земјата.
– Нашата заедница има многу значајно искуство, потенцијал и луѓе што може да придонесат, но она што често ни недостига е подобра комуникација поврзано со координација и заеднички пристап кон прашањата што нè засегаат сите нас – рече Демир додавајќи дека е значајно што платформата ги отвора вратите за сите политички претставници, граѓански организации, млади студенти, интелектуалци, професионалци, претприемачи и локални заедници.

Тој изрази уверување дека иднината на ромската заедница не може да се гради само преку институции, ниту само преку граѓанскиот сектор или политички структури, туку оти е потребно партнерство помеѓу сите овие чинители.
- Како министер задолжен за интеграција и имплементација на Националната стратегија за Роми, сакам јасно да ги изразам мојата поддршка за оваа иницијатива и мојата подготвеност за отворена и конструктивна и континуирана соработка. Мојот пристап е дека институциите треба да ги слушаат потребите на заедницата, но и да создаваат услови за нејзино активно учество во креирањето и спроведувањето на политиките – рече Демир.
Министерот без ресор изрази подготвеност да ги разгледа сите конструктивни предлози, иницијативи и препораки што ќе произлезат од оваа национална платформа и во рамките на институционалната надлежност да придонесе тие да се претворат во конкретни политики и мерливи резултати.
Претседателот на ЗРДИЦМ, Зоран Димов, истакна дека проектот почнал со јасна цел да се анализираат искуствата на научените лекции од процесот на пристапување во Европската Унија со посебен акцент на примерот на Хрватска и интеграцијата на ромската заедница.
– Зад оваа цел стои многу повеќе од техничката анализа. Стои визија на општество, општеството што е инклузивно, праведно и стабилно. Стои стремеж да се создаде држава во која секој граѓанин, без разлика на етничка, културна или социјална припадност, ќе има еднаква можност и право – рече Димов додавајќи дека значењето на проектот е повеќеслоен, од една страна, ги нагласува потребите од владеењето на правото и недискриминацијата како основни критериуми за членството во ЕУ, а од друга, ја истакнува важноста на социјална кохезија, мултикултурално општество, како и предуслови за стабилност и развој.
Според него, тој покажува дека европската интеграција не е само процес на усогласување закони, туку процес на градење општество, кое ги почитува човековите права и достоинството на секој граѓанин. Истакна дека во рамките на проектот биле реализирани неколку активности – истражувањето и анализата на искуствата на научните лекции од процесот на пристапување во ЕУ, со посебен фокус на примерот на Хрватска и вклучувањето на Ромите во реформските процеси.
– Интеграцијата на Ромите е тест за зрелоста на нашата демократија. Способноста на државата да обезбеди еднакви можности на сите граѓани. Зад секој извештај стои човечка приказна. Стои ромско дете што сака еднаква шанса за образование. Стои млад човек што бара пристојна работа и достоен, достоинствен живот. Стои семејство што сака да биде дел од општеството, а не на неговите маргини. Овие приказни не се статистика, тие се нашата реалност и токму тие ја создаваат сликата на проектот – рече тој.
Тој истакна дека „Чекор по чекор од полноправно членство“ е визија за иднината на Северна Македонија како дел од европското семејство, инклузивната, праведна, праведна и стабилна држава, во која Ромите и сите граѓани ќе имаат еднакви можности и права.
– Според резултатите од истражувањето, во образованието над шеесет отсто од ромските деца се соочуваат со ризик од сегрегација и напуштање на училиштето пред завршување на основното образование поради миграција во странство. Вработување – речиси 55 отсто од вработените Роми имаат формално вработување, а 45 проценти се принудени да работат на определено време или во неформална економија – рече Димов.
Во однос на здравствените услуги, додаде тој, пристапот до нив е значително подобар кај социјално и економско осигурени семејства, а ранливите групи остануваат без соодветна заштита. Тој посочи дека Ромите се најмалку застапени во јавниот сектор, што претставува јасен интеграциски дефицит. Исто така, додаде, во однос на евроинтеграцијата, постојат високи нивоа на оптимизам кај ромската заедница за европските перспективи, но истовремено и ризик од миграција поради економската несигурност.
Пратеникот во хрватскиот Сабор, Вељко Кајтази, рече Ромите треба да бидат повеќе присутни на масата на кои се носат одлуките за нив.
– Парите се распределуваат, приоритетите се поставуваат и политиките што влијаат на животите на луѓето се обликуваат на масата. Но не сите седат на масата еднакво често. Некои одлучуваат, некои чекаат на врата, а некои се прашуваат дали воопшто имаат право да влезат. Токму во ова прашање лежи голем дел од приказната за положбата на Ромите во Европа и во Хрватска – посочи Кајтази.

Тој истакна дека во изминатите 15 години е регистриран одреден напредок во состојбата на Ромите во Хрвтска бидејќи се развиле стратегии, програми, закони и механизми за заштита на правата на Ромите.
– Се зборува повеќе за дискриминацијата, образованието, домувањето, вработувањето и политичкото учество на Ромите. Тоа треба да се признае. Не треба да го занемариме она што е постигнато, но мора да поставиме и друго прашање. Дали ги променивме животите на Ромите толку колку што ги променивме документите што зборуваат за нивниот живот? Бидејќи стратегијата може да се напише на сто страници, а едно ромско дете сè уште нема еднакви услови за образование. Можеме да одржиме десет работилници за вработување, а едно лице сè уште не добива можност за работа. Можеме да зборуваме за инклузија, а Ромите сè уште ретко учествуваат во донесувањето одлуки што влијаат на нивната иднина. Тука почнува нашата одговорност и тука почнува потребата од промена во пристапот – нагласи Кајтази.
Тој наведе дека Европската Унија препознала дека положбата на Ромите не е само прашање на социјална помош, туку станува збор за еднаквост, човекови права, економски можности и учество во општеството.
Стратешката рамка на Европската Унија до 2030 година поврзува три важни цели: еднаквост, социјална инклузија и учество на Ромите. Хрватска исто така рече тој, разви национални стратегии и планови, како и програми за поддршка на ученици и студенти. Одреден напредок е постигнат во образованието, а прашањата на Ромите станаа видливи и во јавните политики. Сепак, официјалните податоци покажуваат колку е долг патот до вистинска еднаквост.
Кајтази посочи дека според анкетата на Агенцијата на ЕУ за фундаментални права објавена во 2025 година, која се базира на податоци од 2024 година, а опфаќа тринаесет европски земји, 70 проценти од анкетираните Роми живееле во сиромаштија, само 32 проценти завршиле барем средно образование, а дури 83 проценти живееле во пренатрупани услови за домување.
– Не можеме да прогласиме успех затоа што изградивме систем на програми. Ако резултатите сè уште не ги менуваат доволно животите на луѓето, стратегиите се важни, но стратегијата не е целна линија. Тоа е мапа, а мапата ни значи малку ако никогаш не тргнеме на патувањето. Еден од проблемите е што развојот на ромската заедница премногу често се потпира на краткорочни проекти. Проектите, работилниците и обуките имаат своја вредност. Тие може да пренесат знаење, да ги поврзат луѓето и да отворат нови можности. Но не можеме да очекуваме неколку работилници да го решат проблемот со несоодветно домување, недостигот на инфраструктура, долгорочната невработеност или недоволната застапеност на Ромите во институциите. Ако куќата нема темели, не е доволно само да се обојат нејзините ѕидови. Тоа важи и за развојот на заедницата. Ни требаат безбедни и соодветни домови, водоснабдување, канализациски системи, подобрени патишта… – заклучи хрватскиот пратеник.
Истражувањето е спроведено преку сет од 300 анкетни прашалници спроведени на 17 локации во земјата.

