Во тек е темелно чистење на Камениот мост и плоштадот „Македонија“, при што се отстрануваат графитите, натписите и насобраната нечистотија од двата најпрепознатливи симболи на главниот град, соопштуваат од Град Скопје.
Како што информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, паралелно привршуваат и работите за архитектонско осветлување на Камениот мост и за ставање во функција на подната фонтана на плоштадот „Македонија“.
– Во тек е темелно чистење на Камениот мост и плоштадот „Македонија“, кои се лицето на нашиот град. Тука се среќаваат генерации, се пречекуваат гости и се создаваат спомени што остануваат за цел живот. Токму оттука многубројни туристи ја понесуваат својата прва слика за Скопје како град со душа, историја и препознатливо место на светската туристичка мапа. Затоа, овие симболи заслужуваат постојана грижа и внимание. Скопје заслужува да биде чисто, уредено и гордо на своите обележја. А сите ние имаме обврска да го чуваме она што ни припаѓа заеднички – вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

