Општина Гази Баба започнала со реализација на значаен проект за унапредување на здравјето на најмладите – бесплатен и сеопфатен офталмолошки скрининг за сите ученици во општинските основни училишта. Со овој проект, Општина Гази Баба станува првата општина во Македонија која организира ваков вид бесплатен офталмолошки скрининг за сите ученици во своите основни училишта – информираат од општината.
По повод започнувањето на проектот, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска го посетил ООУ „Крум Тошев“ во Трубарево, каде што започнаа првите активности за спроведување на офталмолошкиот скрининг, додека активностите во наредните денови ќе продолжат и во сите останати општински основни училишта на територијата на Гази Баба.
-Здравјето на децата е наша најголема одговорност, а нивната благосостојба мора да биде приоритет на секоја локална самоуправа. Токму затоа започнуваме со реализација на овој значаен проект, преку кој на сите ученици во основните училишта во Гази Баба им овозможуваме бесплатен офталмолошки скрининг – истакнал градоначалникот.
Тој посочил дека многу често проблемите со видот кај децата остануваат незабележани, а можат директно да влијаат врз нивното учење, концентрација и правилен развој.

-Со навремено откривање и превенција можеме да направиме многу за нивното здравје и иднина. Особено сум горд што Гази Баба е првата општина во Македонија која го реализира овој проект на ваков начин. Упатувам искрена благодарност до Промедика и Систина Офталмологија за покажаната општествена одговорност и поддршката во реализацијата на проектот. Продолжуваме да работиме посветено, со конкретни проекти и дела, затоа што нашите деца се нашата иднина, а нивното здравје е наш приоритет – истакнал Стефковски.
Од општината наведуваат дека целта на проектот е навремено откривање на евентуални проблеми со видот кај децата, овозможување рана превенција и упатување на понатамошни офталмолошки прегледи доколку за тоа се утврди потреба.
Видот има исклучително важна улога во правилниот психофизички развој на децата, нивното образование, концентрација и секојдневно функционирање. Токму затоа, редовната контрола и навременото откривање на проблемите со видот се од особено значење. Од општината додаваат дека со реализација на овој проект, Општина Гази Баба ја потврдува својата определба за создавање подобри услови за раст, развој и образование на секое дете, преку конкретни мерки и проекти кои носат вистинска вредност за заедницата.

