Одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор не треба да биде само потсетување на минатото, туку можност вниманието да се насочи кон иднината и кон предизвиците кои претстојат, порача денеска министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, на втората панел-дискусија на тема „Иднината на Охридскиот договор и градењето одржлив мир“, на настанот организиран од Министерството кое го предводи.
На настанот, по повод одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, Министерството за односи меѓу заедниците организираше инклузивен панел на кој учествуваа универзитетски професори, експерти од различни области, поранешни дипломати, политичари, новинари, како и претставници на фондации и организации кои работат со граѓанското општество.
-Овој настан не е само за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тој е можност нашето внимание да го насочиме кон иднината – кон зајакнувањето на владеењето на правото, развојот на едно поинклузивно општество и особено, кон градењето капацитети и создавањето повеќе можности за младите – истакна Ферати.

Тој нагласи дека младите претставуваат најголем ресурс на државата за градење на поразвиено и постабилно општество и за обезбедување повисок животен стандард.
Ферати изрази очекување дека преку панелот ќе се придонесе кон зајакнување на толеранцијата, меѓусебното разбирање и соработката меѓу заедниците, нагласувајќи дека отворениот и конструктивен дијалог е неопходен за создавање нова култура на политички и општествен дијалог.
-Таквиот отворен и конструктивен дијалог би бил силна порака до јавноста и темел за градење на нашите внатрешни капацитети за нова култура на политички и општествен дијалог – рече Ферати.

Тој ја истакна и разновидноста на учесниците на денешниот настан, оценувајќи дека присуството на различни профили и перспективи му дава посебна вредност на дискусиониот процес.
-Денес на овој панел имаме универзитетски професори, експерти од различни области, поранешни дипломати, политичари, еминентни новинари, како и претставници на фондации и организации кои работат со граѓанското општество. Токму оваа разновидност на гласови му дава вредност на овој дискусионен процес – истакна Ферати.
Во рамки на вториот панел се обрати и градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, кој порача дека Охридскиот рамковен договор не треба да се смета за замрзнат документ од 2001 година, туку е потребна негова адаптација на потребите на граѓаните и демократските европски стандарди.
-Токму тука е значењето на тоа што го направивме во текот на овие две години владеење. Ние влеговме во нова фаза од административни механизми кон законски институционални гаранции. Сега имаме значајни примери за правичната застапеност. Години по ред ова начело се спроведуваше преку административните механизми, а денес целта е тој да се уреди во посебен закон и да претставува јасна обврска за државните институции. Владата изготви законско решение за правична застапеност, префрлувајќи го ова прашање од административен механизам на ниво на законско уредување. Ова претставува суштинска разлика, бидејќи еден механизам може да се злоупотреби, промени и примени според потребите на институцијата, додека законот нуди одржливост, институционална одговорност и инструмент за спроведување – посочи Меџити.
Тој рече дека ист пристап се применува и во однос на користењето на албанскиот јазик.

-Денес зборуваме за право, користење и обврска на сите институции за неговата примена. Нашата работа направи систем каде што во текот на примената има празнини или пречки да се создадат решенија коишто овозможуваат функционалност во праксата – рече Меџити.
Нагласи дека Рамковниот договор има и друга димензија, а тоа е отворање на можностите за примена на правата, кои произлегуваат од децентрализацијата, односно со него, како што кажа, се зајакна државата преку проширување на надлежностите на општините и извршување на овие надлежности.
-Во овој правец, во текот на последните две години, имаме направено значаен чекор. Отворивме процес на понатамошно проширување на процесот на децентрализација. Покрај законските норми, имаме поставено критериуми без кои не може да се функционира соодветно. Преку финансирање на капитални проекти на централно ниво, на располагање се ставени стотици милиони евра за општините, само за локални проекти: улици, градинки, училишта и други видови јавни инфраструктури. Овој модел на финансирање за првпат ги опфати општините со мнозинство Албанци и општините каде што Албанците се застапени во голем дел. Се распределуваат ресурсите на правичен и пропорционален начин во општините Чаир, Гостивар, Струга и други општини. Ова е начин како децентрализацијата добива вистинско значење, бидејќи не завршува со тоа да трансферирате надлежност на хартија, туку и финансиски капацитет да го остварите тоа – рече Меџити.
Тој нагласи дека зајакнувањето на општините преку рамномерен развој не завршува кај локалната самоуправа, туку потребни се и стратешки проекти коишто ги поврзуваат општини, нудат економски можности и ги приближуваат граѓаните. Тука ги спомена Коридорот 8, автопатот Скопје – Блаце и додаде дека развојот треба да се насочи и во образованието, каде ја издвои изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, што, како што рече е инвестиција за високото образование на албанскиот јазик.
На вториот панел се обрати и експертот за регионални прашања и дипломатија, Илир Кула, кој нагласи дека кога се говори за иднината, треба да се земе предвид дека таа им припаѓа на младите, но и на сите народи, кои живеат во овој регион.
Кула истакна дека безбедносните меѓународни системи се едноставни, но во исто време и сложени. Додаде дека постојат пет столбови кога се говори за мирот и иднината, а меѓу нив е економијата.
-Ниту еден од нас нема да биде среќен доколку немаме силна економија и тука припадноста на каква било заедница, верска и етничка го губи значењето – рече тој и нагласи дека Македонија беше најсиромашната југословенска република, а сега треба да предвидиме какви ќе бидеме во Европската Унија, односно каква економска сила би била државата.

Тој додаде дека еден од столбовите е и здравството и напомена дека секој граѓанин кога се соочува со здравствена криза, не е важно од каде доаѓа и на која етничка заедница припаѓа, туку на достоинствен начин да го решите проблемот.
-Кога се соочувате со здравствен проблем и сте на крајот од животот и имате проблеми, не е важно кој јазик го зборувате, на која заедница ѝ припаѓате, туку важно е со какво достоинство ќе се соочите со крајот на животот, бидејќи животот колку и да е убав, на крајот е тежок и важно е да имаме достоинство и достоинствен крај. И да бидеме дел од европската иднина, ние сите треба да имаме една од поважните работи, а тоа е здравјето и животот – нагласи Кули.

