По повод 152 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков (1874-1926), Институтот за македонски јазик, кој го носи неговото име, денеска организираше работилница „Еден ден со Мисирков, по еден век без него“. Предавачи беа вработени во Институтот, а на интерактивниот настан учествуваа ученици и студенти.
Работилницата ја отвори директорката Елена Јованова-Грујовска, којa истакна дека Мисирков е еден од клучните претходници на современата македонска јазична наука и дека неговата големина, рече, не е само во тоа што ја напишал „За македонцките работи”, туку во тоа што успеал да ги поврзе своето широко образование, познавањето на европската славистика и сопственото искуство како Македонец.
-Во време кога македонскиот јазик бил под силен притисок од различни јазични и политички центри, Мисирков научно го поставил прашањето за неговата посебност и за неговата способност да стане литературен и стандарден јазик. Петтата статија од делото „За македонцките работи” има особено значење: таа претставува еден од најраните научно образложени проекти за македонски литературен јазик и, иако не била непосреден нормативен документ од кој директно произлегла подоцнежната кодификација, посредно се вградила во историјата на идеите и принципите врз кои се оформува современиот македонски стандарден јазик, рече директорката на Институтот.

Додаде дека Мисирков тогаш, во 1903 година, поставил теоретска рамка за прашањето каков треба да биде македонскиот литературен јазик, „а децении подоцна тие идеи наоѓаат своја потврда во процесот на официјалната кодификација“.
Раководителка на проектот работилница „Еден ден со Мисирков, по еден век без него”, проф. д-р Лидија Тантуровска, изјави дека Мисирков е меѓу најзначајните национални дејци на македонскот народ, филолог, историчар, публицист, етнограф, прв кодификатор на македонскиот јазик.
– Мисирков е најпознатиот македонист од 20 век, во него ние го гледаме визионерот затоа што тој е прв што успеал да му ја покаже на светот посебноста на македонскиот народ и, особено, посебноста на македонскиот јазик. Чест, гордост, па и обврска е на Институтот за макеоднскиот јазик, кој го носи неговото име, што денеска се зафати да ја организира оваа работилница, истакна Тантуровска, раководителката на работилницата.
Првиот дел од работилницата беше посветен на животот и делото на Крсте Мисирков. Предавање одржа доц. д-р Марија Пандева, а учествуваа ученици од основните училишта „11 Октомври” во Центар и „Невена Георгиева-Дуња” во Кисела Вода. На вториот дел од работилницата, посветен на книгата „За македонцките работи“, предавач беше доц. д-р Марија Антевска-Рисафова и учествуваа средношколци од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин”.
На третиот дел од работилницата предавач беше вонр. проф. д-р Македонка Додевска, која на тема „Македонските говори и говорот во с. Постол – с. Илиџиево” работеше со студенти од трета и од четврта година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

На последниот, четврти дел од денешната работилница, наменет за сите учесници, раководителката Тантуровска одржа предавање „Од вештачки јазик до вештачка интелигенција“, запознавајќи ги учесниците со статија за Македонците и македонскиот јазик која Мисирков ја превел и објавил на идо јазик во списанието „Мондо“, со цел македонското прашање да го афирмира меѓу што повеќе интелектуалци во Европа, кои на почетокот на 20 век го разбирале и користеле овој универзален вештачки јазик.
-Идо јазикот, којшто го избрал за да пишува за Македонија и за Македонците, го сметал како еден вид тогашен интернет, затоа што тоа бил комуникативниот медиум на кој се печателе трудови. Мисирков сметал ако се преведе на идо и на тој светски јазик се каже за посебноста на македонскот јазик и на македонскиот народ, тоа ќе допре до целиот културен свет, рече Тантуровска.
Крсте Петков Мисиркв е роден на 18 ноември 1874 во селото Постол, Егејска Македонија. Годинава, на 26 јули, беа навршени сто години од неговата смрт (1926 во Софија). Еден век од неговото физичко заминување беа одбележани со третата манифестација „Мисиркови денови“, која во минатите два дена ја организираше Институтот за национална историја во соработка со четири сродни национални иститути.

