По откривањето на бројните злоупотреби при користењето на дел од државното земјоделско земјиште во изминатите неколку години, најчесто од луѓе блиски до тогашната власт, државата го вклучи црвениот аларм за ставање ред и елиминирање на манипулациите. Најголем дел од овие плодни парцели се користеле од големи компании за лични профитабилни бизниси како што е поставувањето фотоволтаици, одгледувањето на извозно-ориентирани култури: бадеми, лешници, ореви и сл., или пак, за производство на биогас, само не и за производство на храна. Според ресорниот министер, досега биле детектирани над 2.000 хектари државно земјоделско земјиште кое било злоупотребено, а континуирано се правеле и други проверки, уверува тој.
„И не е тоа само откривање на злоупотреба, туку тука имаме и дополнителна злоупотреба на субвенции кои што се користеле од државата, кои биле бесправни. Тука се водат едни посебни постапки преку надлежни институции кои што учествуваат во овој дел на проверки…Голема е категоријата на луѓе кои што во изминатите години, заради тоа што имале одредена близина со власта, си дозволиле да прават вакви манипулации, меѓутоа нашата законска обврска е овој процес да го стопираме и земјоделското земјиште да го ставиме на располагање кај земјоделците“, – вели Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
Враќањето на злоупотребеното државно земјиште во повторно владеење на државата за после тоа да може да им се додели и на вистинските земјоделци, надлежното Министерство го решава со распишување на јавни повици до земјоделците. Неодамна завршија првите пет огласи кои беа објавени кон крајот на минатата година и тие договори веќе се испраќаат кај земјоделците-апликанти. Но, наскоро ќе има и нови огласи.

„Можам да најавам дека од прилика во јуни-јули, ќе има нов оглас каде што ќе имаме спремни големи површини за да ги ставиме на располагање. И ги охрабрувам сите земјоделци, а особено младите земјоделци да учествуваат на овие огласи, се’ со цел да биде навистина истото ставено во функција“, – посочува Трипуновски.
По првите пет огласи, во ресорното Министерство пристигнале околу 1.600 понуди за двање под закуп на државно земјоделско земјиште. Од нив, позитивно биле решени 982 барања за вкупна површина од 2.862 хектари, а имало и 220 понуди за легализација на површини на кои има насадено долгогодишни насади. Од нив, 160 биле решени позитивно за површина од 380 хектари.
Инаку, во Македонија, според експертите, дури над 70% од вкупното земјоделско земјиште не се обработува.
