Реклама
Економија

Бизнисот за инфраструктурниот бран на Владата: Македонија да стане важен транспортен центар на Балканот

Македонија да не биде слепо црево, туку важен транспортен играч на потегот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонија да не биде слепо црево, туку важен транспортен играч на потегот исток-запад – бараат стопанствениците. Со пругата кон Бугарија до поголема бизнис соработка со бугарските фирми, но и со компаниите од земјите долж Коридорот 8. Откако Вицепремиерот Александар Николоски најави дека за десетина дена ќе биде распишан тендер за изведувач и конечно третата делница од Крива Паланка до Бугарија ќе почне да се гради летово, се зголеми и нивната надеж дека оваа пруга ќе финишира и ќе придонесе кон поголема трговска размена и побрз проток на стоки.

Во делот на железничка инфраструктура, забрзани се активностите на втората делница од пругата кон Бугарија во делот од Бељаковце до Крива Паланка. Првиот дел веќе е пуштен во употреба. На овој потег останува уште да се изгради заедничкиот железнички тунел со Бугарија кој ќе се финансира со европски пари.

Дополнително, најавите за побрз финиш на одредени делници како автопатот од Прилеп до Битола треба да ги заживеат општините од Пелагонија и локалните бизниси. Сепак, стопанствениците бараат властите подобро и побрзо да ги планираат придружните објекти и просторот долж автопатот.

Реклама

Активно се работи и на реконструкција на преминот Деве Баир и негово проширување, а Ќафасан веќе се модернизираше. Конзорциумот Бехтел и Енка активно гради на двете делници од Тетово до Букојчани, а во финална фаза е и  изборот на изведувач за автопатот Кичево-Букојчани. На исток, следна делница за изградба е онаа од Куманово до Страцин. Сите инвестиции за изградба на железничкиот и патниот дел од Коридорт 8 ќе чинат вкупно пет милијарди евра.