Пожарникари, припадници на полицијата и Армијата грчевито се борат со огнените стихии низ Македонија – за само 24 часа имало 51 пожар на отворено. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов вели дека во моментов, на територијата на целата држава се евидентирани 15 пожари – од нив, девет се активни, а шест под контрола. Како раководител на главниот штаб за управување со кризи, Ангелов смирува – државата има контрола над сите ресурси и ги распоредува оптимално. Порача дека паниката меѓу граѓаните е најголем непријател и ги повика сите да ги следат упатствата од надлежните институции.
Ја разбирам паниката меѓу граѓаните, но таа може да доведе до лоши одлуки. Апелирам граѓаните да ги слушаат локалните или националните авторитети. Како држава, имаме контрола над сите ресурси. Ресурсите можеби никогаш нема да бидат доволни, но ги распоредуваме оптимално, таму каде што е најнеопходно – изјави Ангелов.
Дел од пожарите се предизвикани поради небрежност на граѓани, но за повеќето надлежните имаат индиции, па и докази дека се намерно подметнати.
Некој се надева дека ќе може да ја сече изгорената шума. Постојат и патолшки мотиви – пиромани, но тие не би запалиле оган до населено место каде би биле видени, фатени, снимени,… Дел од подметнувањата се во делови со неквалитетна шума и тука нема логично објаснување, па за мотивите може да се претпоставува – рече Ангелов.
Откако Македонија го активираше механизмот на ЕУ за цивилна заштита, Словенија и Франција се понудиле за помош со по 50 пожарникари и специјални возила за интервенции. Владата ќе одлучи како ќе се постапи со овие понуди.
Најалрмантна е се уште ситуацијата на планината Готен… Гори и во близина на Прилеп – едниот крак се шири кон Општина Новаци, а другиот кон границата со Грција – таму не се интервенира бидејќи има по околу 20 детонации дневно, поради мини и други експлозивни материјали. Пожари има и во околината на општина Кавадарци, Македонски Брод, Желино, Крива Паланка, Македонска Каменица, Кичево… Меѓу пожарите кои се ставени под контрола се пожарот во околината на Старо Нагоричане, Петровец, Катланово, Штип, Карбинци..

