Реклама
Македонија

Анита Тополова-Исајловска едногласно избрана за вршител на должноста државен јавен обвинител

Обвинителката Анита Тополова-Исајловска е именувана за вршител на должноста државен јавен обвинител.…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Обвинителката Анита Тополова-Исајловска е именувана за вршител на должноста државен јавен обвинител. Одлуката беше донесена едногласно на седницата на Советот на јавни обвинители, каде што таа беше и единствен кандидат предложен за функцијата.

Тополова-Исајловска во моментов е заменик државен јавен обвинител, а нејзиното професионално искуство во обвинителството се протега повеќе од една деценија и пол.

Во рамки на Јавното обвинителство, Тополова-Исајловска веќе неколку години раководи со Одделението за меѓународна правна помош. Таа доаѓа на функција што има клучна улога во функционирањето на обвинителскиот систем, во период кога јавноста со засилен интерес ја следи работата, независноста и отчетноста на правосудните институции во државата.

Реклама

Нејзиното назначување како в.д. републички јавен обвинител следи откако минатата недела Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка, само неколку часа пред Собранието да расправа за негово разрешување.

Законската постапка за избор на прв човек на Јавното обвинителство предвидува дека тој треба да е државјанин на Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да има деловна способност, да има завршени правни студии и положен правосуден испит. Посебен услов за државен јавен обвинител е кандидатот да има непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Новиот државен јавен обвинител треба да се избере по оглас што ќе го распише Собранието. Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена од денот на објавувањето на огласот во Службен весник. По пријавувањето на кандидатите, Владата треба да побара мислење од Советот на јавни обвинители за сите пријавени кандидати.