Државата прави се што е можно со цел македонските граѓани да не чекаат со часови на граничните премини, поради новиот систем за влез и излез во земјите на Европската Унија. Владата на највисоко можно ниво и билатерално, но и директно во Европската Унија, се обидува да најде решение за овој проблем. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, вели дека лично го отворил ова прашање, за кое се разговарало и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки, со мининстрите на државите од Западен Балкан.
-Имаме разговори и со институциите на Европската Унија и со земјите членки, за во летниот период кога ќе настанат најголемите гужви, да постои некој систем преку кој што ќе има олеснувања. Во моментот бидејќи ништо не ни е официјално потврдено, за жал и јас не можам ништо официјално да потврдам. Но, очекуваме како регион соработувајќи и со земјите членки, кои што и самите не сакаат вакви гужви да има подобри услови од тие кои што ги имаше во последниот период, изјави Муцунски.
Во пресрет на летната сезона, билатерални разговори се водат директно и со Грција, која е дестинација каде голем број македонски граѓани го минуваат својот одмор. Муцунски вели дека за надминување на проблемите разговори имал и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Кажа оти не е вистина дека за граѓани на други држави ќе постоел привилегиран начин за влез, бидејќи согласно правилата на ЕУ, таков индивидуален тип на исклучителност не може да се направи.

-Министерот за внатрешни работи Тошковски, пред неколку недели исто така беше во Грција каде што разговараме и дискутираме како да се најде решение колективно за целиот регион. Зошто велам колективно, затоа што веста која што излезе, дека граѓаните на Србија се исклучени од „entry exit“ системот е лажна вест, неточна информација. Точно е дека се појави во неколку медиуми, но јас наредниот ден таа информација ја нареков политичка естрада, затоа што е нешто што е апсолутно неточно, изјави Муцунски.
Инаку, од 10-ти април започна со целосна примени новиот систем за контрола на влез во Европската Унија, кој донесе големи промени за сите патници од земјите кои не се членки. Станува збор за дигиталниот систем за влез и излез, кој ја заменува досегашната практика на печати во пасошите и воведува построга контрола на престојот во шенген-зоната. При влез, покрај пасош, патниците ќе мора да даваат и биометриски податоци како отпечатоци од прсти и фотографија од лице.
Матеја Петровски
