Шест целосно реновирани операциони сали се ставени во функција на Клиниката за трауматологија анестезија и реанимација. Ова е само прва фаза од големиот проект вреден над 4,5 милиони евра, со кој ќе се обноват вкупно десет хирушки сали. Станува збор за модерно опремени оперативни простории, со најнова медицинска технологија кои треба да овозможат побрзи и поквалитетни хирушки интервенции. Со ова лекарите ќе имаат подобри услови за работа, а ќе се намали и листата на чекање за пацинетите.
„Го поделивме проектот заедно со Министерството за здравство на два дела, се договоривме, така да дел од едните хируршки гранки коишто гравитираа и работеа на страна на делот каде што е сега реновиран, беа префрлени и ги поделивме салите во стариот дел којшто ќе треба да се реновира. Тоа значи дека листите на чекање не трпеа, затоа што клиниките на ТОАРИЛУЦ (Трауматологија, Ортопедија, Урологија и Детска хирургија) работеа напорно во овој период, и некои дури трисменски. Така да се трудиме листата на чекање постојано ја намалуваме, иако имаме голем притисок према терцијарното здравство со лекување на вакви пациенти“, кажа д-р Мерџановски.
„Сали коишто навистина имаат светски квалитет, сали коишто имаат гаранција 100 години на инфраструктурата внатре, мобилни сали коишто исто така ќе можат и телемедицина да се вгради, се со цел да може и асистенција од надвор, но исто така и да се овозможи учење од далечина, за да може нашите студенти од амфитеатар да следат дел од операциите, а да не бидат дел од физички дел на оперативните сали“, кажа министерот Алиу.

Премиерот Христијан Мицкоски најави инвестициски циклус во здравството и образованието.
“Во тек е процесот, односно нашето барање како Влада до меѓународни финансиски институции коишто би се вклучиле во процесот на финансирање на проектот за конечно завршување на Клиничкиот центар, односно Клиничката болница во Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентскиот дом таму. Завршување на проектот Здравствен дом со проширена дејност во Кичево, односно Болницата таму. И нормално реконструкција на Клиничката болница во Тетово” вели премиерот Мицкоски.
Од Владата најавија дека до почетокот на летото ќе заврши и проектот во болницата „8 Септември“, каде исто така ќе има нови модерни операциони сали.Според премиерот, со овие инвестиции, земјата има амбиција да стане лидер во регионот во овој сегмент од здравството.

