Во Занаетчискиот дом во Куманово денеска се одржа четвртата информативна сесија „Фер ангажман“, посветена на практичната примена на Законот за работно ангажирање на лица. Настанот се реализираше во рамки на втората меѓународна конференција, со фокус на спроведувањето на законското решение како алатка за формализација на сезонската и повремената работа.
Сесијата е дел од националната кампања што се спроведува во рамки на проектот „Подобри услови за вработување на сезонските работници“, поддржан од Сојузна Република Германија, а имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и Центарот за истражување и креирање политики, во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување.
Настанот предизвика значителен интерес кај работодавачите и граѓаните, особено од секторите земјоделство, угостителство, туризам и услуги во домаќинството, области во кои сезонската работа е најзастапена, но често и нерегулирана. Според извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики, Марија Ристеска, токму истражувањата покажале дека голем дел од овие работни ангажмани се одвиваат во неформалната економија.


– Законот се донесува со цел да се формализира трудот на лицата кои досега беа непријавени, без социјална и здравствена заштита. Ова ги ставаше во ризик и работниците и работодавачите. Затоа беше потребно флексибилно решение кое ќе овозможи лесна пријава и одјава директно од терен, без сложени процедури-изјави Ристеска.
Една од клучните новини е воведувањето електронски систем за пријава преку платформата „е-Работа“ на Агенцијата за вработување, што овозможува брза регистрација и намалување на административниот товар за работодавачите. Законот предвидува јасни правила за ангажирање, обезбедување пензиски стаж и осигурување при повреда на работа, без загрозување на веќе стекнатите права на работниците.
Државниот советник во Министерството за економија и труд, Ленче Коцевска, посочи дека Законот има инклузивен пристап и отвора можности за повеќе категории граѓани.

– За првпат се овозможува законско ангажирање на студенти, пензионери, вработени и невработени лица. Секој ангажиран ќе добива придонеси за социјално и здравствено осигурување, како и персонален данок, без оглед дали работи еден или повеќе денови-истакна Коцевска.
За работодавачите се предвидени повластени услови преку фиксен износ на придонеси, што треба да биде стимул за легално ангажирање работници. Од аспект на меѓународната поддршка, Александра Караевска-Димовска од GIZ нагласи дека законот се темели на европски практики и регионални искуства.

– Целта е формализирање на неформалниот труд и подобрување на работните услови. Моделот е делумно преземен од Србија, каде ваквото законско решение веќе дава резултати. Законот не е насочен само кон пензионерите, туку кон младите, сезонските работници и сите кои имаат потреба од флексибилен ангажман-посочи Караевска-Димовска.
Таа додаде дека со ова решение ангажираните лица добиваат плата, пензиски стаж за секој работен ден и здравствено осигурување, без да ги изгубат постојните права. По одржаните сесии во Тетово, Прилеп, Неготино и Куманово, активностите продолжуваат во Струга, Охрид и Струмица, со што се очекува поширока национална покриеност.
