Реклама
Економија

„Зелената економија“ високо на агендата на Владата – 25 милиони евра за зелена трансформација на бизнисите

Зелената економија високо на агендата на Владата. Со 25 милиони евра во…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Зелената економија високо на агендата на Владата. Со 25 милиони евра во следните 4 години, 300 македонски компании ќе се подготват за зелена трансформација. Финансиски и технолошки ќе бидат поддржани микро, мали и средни фирми главно од производствен сектор со цел да инвестираат во поеколошки решенија и да го намалат јаглеродниот белег. За да се поделат овие пари, ќе бидат распишани повеќе јавни повици од кои првиот ќе биде објавен кон средината на годинава. Компаниите треба да имаат сопствено учество од 20 до 50%, а можат да добијат грантови од 5 илјади до 300 илјади евра зависно од нивната големина и потреба за вложување. За премиерот, овој проект е стратешка инвестиција на Македонија, бидејќи е вложување во посилна економија, поздрава животна средина и повисок квалитет на живот за граѓаните.

Целта на проектот е да ја поддржи државата во исполнување на целите за климатска неутралност утврдени во зелената агенда за Западен Балкан, преку јакнење на приватниот сектор и поттикнување на одговорни и одржливи деловни практики.

„Во наредните четири години ќе бидат поддржани над 300 компании, а преку механизми на кофинансирање ќе се активираат и дополнителни приватни инвестиции. Особено значајно е што околу 200 компании ќе добијат поддршка за подготовка и имплементација на меѓународни стандарди за заштита на животната средина и одржливо работење, што е директна пропусница за учество во европските и глобалните ланци на добавувачи“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.

Реклама

За да знаат компаниите со какви проекти во областа на зелената економија можат да аплицираат, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво ќе организира и инфо караван во соработка со стопанските комори, општините и регионалните центри.

За Европската Унија, овој проект ја доближува Македонија до европските стандарди на работа, намалување на загадувањето, а фирмите ќе ги подготви за да станат поконкурентни на пазарот.

Од вкупната вредност на проектот во висина од 25 милиони евра, 18 милиони се обезбедени од Европската Унија, а 7 милиони од државниот буџет. Од нив, 22 милиони евра ќе бидат грантови за македонскиот бизнис.