Кипар да го стави на маса проблемот на транспортерите во рамки на нивното 6-месечно претседателство со Советот на ЕУ – побара пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски од кипарскиот амбасадор Андреас Фотиу. Според него, Европа треба да покаже дека знае како да ги решава проблемите и да изнајде решение од взаемна корист за сите засегнати страни. Тој вели дека една од главните цели на Унијата е побрз проток на стоки, нешто што е потенцирано со склучениот Меморандум за побрза интграција, кој меѓу другото се однесува на тн „зелени ленти“. Милошоски побара првозниците да се третираат исто како и персоналот во авионите, возовите и бродовите, односно да бидат иземени од правилото за престој од максимум 90 дена во 180, односно 180 дена годишно.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека заедно со коморите од Западен Балкан побарале од претседателката на Европската Комисија земјите членки да усвојат привремени мерки за професионалните возачи непречено да можат да работат, сè додека не се воспостави трајно и системско решение. Тие бараат Македонија и другите банкански држави кои не се дел од Шенген зоната да имаат поинаков статус споредено со третите земји.
„Моменталниот пристап не е конзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко дека може да се усогласи со нашите заеднички напори за понатамошно интегрирање на економиите на регионот во Единствениот пазар на ЕУ.Економиите на Западен Балкан, како кандидати, целосно опкружени со границите на ЕУ, треба да имаат корист од поедноставена и диференцирана примена на режимот на ЕЕС, што ќе го одрази нивниот статус како партнери во пристапувањето и ќе обезбеди јасна разлика во однос на другите трети земји“ – велат од Стопанската комора.

Сепак, Стопанската комора не ги поддржува блокадите на границите на Макамтранс бидејќи според комората решение треба да се бара исклучиво по институционален пат. Во спротивно, загубите како пенали за задоцнета испорака, откажување на договори, намалено производство, нереализиран извоз, неможност за навремено производство поради недостаток на суровина ќе биле огромни. Блокади има и на граничните премини на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина и тоа не само на оние кон Шенген зоната, туку и на меѓусебните премини како би се спречиле целосно алтернативните патишта на возилата кон други земји. Во Македонија камионскиот превоз доминира во трговијата со над 95% далеку пред железничкиот и авионскиот транспорт на стоки.
