Забрзува инвестицискиот циклус во Македонија. Три странски компании ќе отворат капацитети во Македонија – потврди премиерот Христијан Мицкоски. Преговорите се веќе завршени, а се работи за фирми од автомобилскиот сектор, но и од индустријата на високи технологии и фармацијата. Нивните инвестиции се во висина од 120 милиони евра, а предвидено е да вработат 1.500 луѓе. Владата преговара со уште 10 компании.
„Преговараме со уште десет – дел во енергетика, дел во индустрија на високи технологии, дел во автомобилска индустрија итн. Цениме дека тие ќе додадат вредност во економијата на државата“ – вели премиерот Мицкоски.
Нови свежи пари за бизнисот за поголеми инвестиции. Откако годинава компаниите добија евтини кредити од деловните банки обезбедени со заем од Унгарија, слични преговори Владата води за нова транша за стопанството. Премиерот Мицкоски не посочи со кој преговара и кога оваа линија ќе стане достапна за фирмите, но нагласи дека бизнисот влегол во сериозно голем инвестициски циклус кој го забрзува економскиот раст. Инаку унгарскиот заем од 250 милиони евра е речиси искористен. Досега се поделени 218 милиони евра за разни проекти на стопанството.

„Сите оние макроекономски параметри, коишто за нас се важни одат во нагорна линија и ќе повторам граѓаните и бизнисот да бидат спокојни, работиме на уште една голема транша, помош за бизнисот, како таа што веќе ја поделивме. Со што Македонија, верувале или не, стана држава во Европа со најниска каматна стапка, којашто ја користи бизнисот споредено со сите држави во Европа. Токму поради тоа инвестициите во првите два квартали, односно во првата половина од оваа година се некаде помеѓу 13-15 проценти, а да речеме во Европа во истиот тој период е 2,5 проценти. Кога опозицијата спомна дека недостасувале 60 милијарди денари во буџетот, веќе 30 милијарди влегоа во буџетот и ако на тоа се додадат сопствените приходи, тие 60 милјарди веќе се во оптек и во ликвидност во државата“ – рече Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Бизнисот бара предвидлива деловна средина. Промена во даноците нема да има и тие нема да бидат дополнително оптоварување за фирмите. Тоа Владата го ветила во предизборната програма и планира да го исполни. Сепак, ќе се корегираат неусогласеностите во законите, за конкретно да се дефинираат работите, да нема погрешни толкувања и да се зголеми опфатот на оние што плаќаат даноци.
„Апсолутно нема да има промена на даноците. Тоа го ветивме и во предизиборната програма. Секогаш се водам од правилото дека на државава треба да ѝ се плати толку колку што ѝ следува, ниту повеќе, но ниту помалку. Токму од таа причина и ги отвораме законите, да ги додефинираме работите за да нема недоразбирања.За жал, она што е столб на државава, а тоа се законите од областа на даноците, низ годините се менувани само со козметички измени. Сега е време ова да се промени. Нам ни треба прво да постигнеме сите да плаќаат даноци, а потоа да размислуваме за промена на даночните стапки“ – вели Гордана Димитриеска Кочоска – министерка за финансии
Управата за јавни приходи наплатила 3,97 милијарди евра од даноци и придонеси за 11 месеци годинава – информираат од УЈП. Тоа е за 268 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани. Директорката Петрова вели дека има пораст на приходите од даноци за 6,5 отсто и пораст кај придонесите за 8,7% во однос на истиот период минатата година.
„Трендови на пораст во однос на лани има и во декември, но уште течат приливите и исплатите од уплатните сметки за даноци. Денеска ги сумираме податоците од вчерашниот ден, даночниот ден за ДДВ и по истекот на месецот ќе ги имаме конечните податоци за цела година“- истакна директорката Елена Петрова, директорка на Управа за јавни приходи.
Од 1-ви јануари почнува и пилот имплементацијата на проектот е-фактура. Во првата фаза ќе се знае како ќе се врши автоматска размена на податоци меѓу компаниите и државата. Потоа компаниите ќе го прилагодат софтверот за изготвување е-фактура, ќе има бесплатни решенија за помалите компании, а тестирањето ќе заврши до крајот на третиот квартал. Од УЈП објаснуваат дека ова е клучна алатка за да се фатат оние што го злоупотребуваат системот и да се намали сивата економија во Македонија.
