Раниот откуп на тутунското злато се интензивира. Од вкупно 10-те лиценцирани откупувачи, најголемиот дел, еден по еден ги отвораат откупните пунктови, а просечната откупна цена од 420 денари за килограм тутун е постигната кај сите откупувачи. Напоредно со ова, и годинава проценката останува на ланските критериуми, односно тутунот да се цени главно во прва класа.
„Имавме состаноци во Скопје откупувачите да го запазат законскиот рок за да почнат со откуп на тутунот до 15 декември, добриот тутун да се откупува и да се плати добро и да оди на прва класа и одбитокот да биде максимум до 3 посто, односно на долната берба да биде 2-3 посто, а на горните берби да биде до 1 посто. Не дозволивме по овие цени да се откупува по класи, зашто аско дозволевме да се откупува по класи, со овие цени ќе паднеше многу пониско просекот лански, така што ќе го задржиме просекот на овие цени што се од 420 денари“, – изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Од Сојузот уверуваат дека се’ до крајот на откупот, a кој е на 28 февруари, тие нема да остапат од барањата за поткревање на постоечките откупни цени. Затоа, остануваат на сила преговорите за ова барање да се решава со анекси на постоечките договори. Инаку, досега се откупени над 500 тони тутун на ниво на држава, кој главно е проценет во прва класа.

„Повеќе од половината го има купено „Кавекс“ – Неготино, а дел има купено, негде околу 300 тони заедно со вчерашниот ден и Тутунски комбинат Прилеп и сето е во права класа. Јас мислам дека нешто фазла е динамиката во овој период за што помогнаа и временските услови. Значи, претходните денови релативната влага беше висока, имаше услови тутунот природно да ја прими влагата, нормално да се спакува и да се донесе за откуп“, – потенцираше Ристески.
Инаку, годинава се очекува да бидат откупени околу 22 милиони високо-квалитетен тутун, чија просечна цена заедно со субвенциите, достигнува до над 500 денари за килограм тутун.
