Во Владината сала — свечена и симболична атмосфера. Одбележувањето на Денот на албанската азбука денес не беше само потсетник на историјата, туку и јасна порака за иднината.
Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање порача дека успехот на државата е заеднички проект на сите заедници и оти само преку доверба, почит и одговорност можеме да постигнеме резултати.
„Успехот е наш заеднички проект. Само ако сме обединети во почит, доверба и одговорност ќе можеме да постигнеме резултати што ќе ја движат татковината напред, истакна Христијан Мицкоски, претседател на Владата.

Мицкоски потсети на значењето на Битолскиот конгрес од 1908 година, кога албанската интелигенција го направила клучниот чекор кон создавање унифицирана азбука – чин со европско значење кој претставувал модернизација и културна кохезија. Тој истакна дека Македонија е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат заедничката национална приказна.
Албанската заедница, според премиерот, со својата култура, јазик, традиција и вредности е суштински дел од македонското општество.
Владата, рече тој, останува посветена на создавање општество во кое младите — без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми или Власи – ќе ја гледаат својата иднина тука, во силна и развиена татковина.
Паралелно, се работи на инфраструктурни проекти, модернизација на училиштата, поддршка на културни институции, дигитализација на услугите и нови можности за младите – еднакво во сите општини.
Во обраќањето на свечената седница вицепремиерот Арбен Фетаи, потенцираше дека јазичната рамноправност е клучен столб на функционална демократија и соживот.
„Нашата Влада има цел да обезбеди еднакви услови за развој на сите јазици кои се употребуваат во земјава како дел од современа визија за соживот, исткана Арбен Фетаи, вицепремиер во Владата.
Фетаи додаде дека јазикот не треба да биде граница меѓу заедниците, туку средство за вклучување и комуникација. Повика на заеднички чекори, взаемна почит и дијалог како основа за стабилно, европско и современо општество. Фетаи подвлече дека во мултиетничка држава, јазичната еднаквост не е само симболично прашање, туку демократски принцип и практика што ја приближува земјата кон иднината која ја посакуваме. Од 22 ноември 2007 година, Денот на албанската азбука се слави како државен празник и е неработен ден за граѓаните на албанската заедница.
