Реклама
Македонија

🎥 Обвинителството го почна увидот во „Макпрогрес“

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани започна увид по големиот пожар…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани започна увид по големиот пожар што на 6 септември вечерта избувна во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес Винчини“ во Виница.

Увидните дејствија ќе продолжат и наредните денови, бидејќи во дел од магацините сè уште има жаришта кои тлеат, соопшти Обвинителството.

„Поставени се противпожарни возила за заштита на плинската станица која не беше зафатена од огнот. Во текот на утрешниот ден на увид на лице место е повикано и вешто лице – електроинжинер. Во меѓувреме, обезбедени се снимки од видео надзор и се преземаат други дејствија за испитување на настанот“, , велат од Обвинителството.

Реклама

На социјалните мрежи со објава се огласи пожарникарот Александар Георгиевски од Штип, кој заедно со уште тројца колеги беше хоспитализиран во Кочани.

„Сите четворица сме добро и никој од нас не е сериозно загрозен. Ве молам да не се крева паника – пожарникарската работа е таква и добро знаеме какви се предизвиците. Сите единици и доброволци дадоа сè од себе пожарот да се стави под контрола, и најважно – нема човечки жртви. Морам да одадам признание за Кочанската болница и целиот персонал кој беше 24 часа на располагање – респект за нив!“, порача Георгиевски.

Вчера од компанијата „Макпрогрес“ информираа дека во пожарот целосно изгорел еден производен погон со три автоматизирани линии и два магацини.

’Макпрогрес’ останува посветен на своите вработени, партнери и заедницата. Фабриката ‘Винчини’ ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. И тоа пак во Виница. Но потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција, а со крајна цел сите вработени кои физички ги изгубија своите работните позиции да ги прераспоредиме на други производни линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа ,стои во соопштението на сопствениците Глигор и Александар Цветанов.

Во пожарот беа повредени 18 лица – една пожарникарка во Штип, четворица пожарникари во Кочани и осум работници во Скопје. Сите се во стабилна здравствена состојба.

„Макпрогрес Винчини“ со 500 вработени е најголемиот стопански објект во Виница и еден од водечките производители во кондиторската индустрија во Македонија, со извоз во 55 држави.