Нови пари за нови вложувања на бизнисот. Префрлени се 11,3 милиони евра за реализација на инвестициите на македонските компании. Министерството за финансии информира дека била исплатена нова петта транша од унгарскиот заем кон Развојната Банка, пари наменети за вложувања во производство на домашното стопанство. Од вкупно 250 милиони евра кои стојат на располагање, досега фирмите искористиле 171 милион евра, односно им биле одобрени проекти во оваа вредност.
„Средствата се префрлени од Буџетот врз основа на доставено барање од Развојната банка, а по одобрување на проектите од страна на деловните банки. Во Буџетот за 2025 година за поддршка на домашната економија и домашните компании се проектирани вкупно 250 милиони евра. Досега се префрлени кон домашните компании пет транши во вкупен износ 171,1 милиони евра. Средствата за поддршка на домашната економија беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка, со цел да се пласираат средства по поволни услови за реализација на инвестиции во приватниот сектор“ – информираат од Министерството за финансии.
Средствата за поддршка на домашната економија беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка, со цел да се пласираат средства по поволни услови за реализација на инвестиции во приватниот сектор. Досега искористеноста на оваа кредитна линија од страна на домашните компании е 68%. Првите средства почнаа да се повлекуваат во март. Владата договори заем кој ќе го враќа под поволни услови со камата од 3,25%, грејс период од 3 години и рок на враќање на парите од 12 години. Компаниите пак кои аплицираа за кредити од деловните банки преку кои се реализира овој проект, ќе имаат трошок од само 1,95%. Тие мора да имаат најмалку 20% учество и да аплицираат за кредит до најмногу 10 милиони евра. Од Владата истакнаа дека очекуваат овој инвестициски циклус од 300 милиони евра да донесе нови вработувања и покренување на економскиот раст.

