Реклама
Македонија

„Зелен хуман град“ реагира на укинувањето на правилникот за независни кандидатури

Граѓанската иницијатива Зелен хуман град реагира на одлуката на Државната изборна комисија,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Граѓанската иницијатива Зелен хуман град реагира на одлуката на Државната изборна комисија, со која е укинат правилникот за собирање потписи за независни кандидатури, оценувајќи дека со тоа е укината секоја законски уредена можност за нивно учество на изборите. Од движењето посочуваат дека претседателот на ДИК, претходно изјавил дека комисијата нема надлежност да го толкува Изборниот законик и дека за тоа треба автентично толкување од Собранието – кое, и покрај барањето поднесено пред месец и половина, сè уште не е обезбедено. Со ова, не постои никаква законски регулирана можност со која на независните кандидати ќе им се гарантира правото на излегување на избори. Како што денес поединци изјавуваат произволно дека нема потреба да се собираат потписи и секој што сака може да се кандидира на изборите, така утре истите тие поединци може да одлучат дека е тоа недозволено или може да ги поништат изборите, а со тоа и нашето уставно право да бидеме дел од институциите. Зелен хуман град најави основање на партија како единствена правна можност за настап на изборите.