Сегашните 16 нови авиолинии кои Владата ги договори за една година ќе се прошируваат со нови. Вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски вели дека го форсира охридскиот аеродром и се преговара за нови летови од најголемиот туристички центар во Македонија. Тој е задоволен што земјава станува конкурентна во авиосообраќајот, бидејќи вели во постпандемиските години, регионот се развивал, а аеродромите во Скопје и Охрид значително заостанувале.
„Кога бевме избрани лани ја согледавме состојбата. Секоја година со ред имаше пад на авосообраќајот помеѓу 20 и 25 проценти, зборувам за периодот после корона кризата. Но, после корона кризата, кога другите аеродроми во регионот почнаа да растат и имаше еден бум на тие аеродорми, скопскиот и охридскиот продолжија да тонат. Така што, решивме да направиме нешто. Првиот потег беше да се промени политиката на субвенционирање, вториот беше да даваат субвенции за патници коишто доаѓаат во Македонија, а не патници коишто заминуваат од Македонија“ – изјави Николоски.
Владата објави дека со Визер се договорени 5 нови авиолетови кои ќе стартуваат во последните два месеци од годината. До Стокхолм, Бари и Мадрид ќе се лета 3 пати неделно, а до Прага 2 пати неделно. Билетите се веќе во продажба, со исклучок на Келн како дестинација која ќе се воведе од декември. И до обновениот лет до Ларнака во Кипар кој функционираше само во предпандемиската 2019-та година ќе се лета два пати неделно. Николоски е задоволен бидејќи се работи или за нови летови или пак до дестинации до кои порано се летало, но не на главните, туку на аердроми кои биле многу поодалечени од градовите.

„Порано се викало Сткохолм, а тоа било 100 и нешто километри од Стокхолм, сега зборуваме за главниот аеродром во Стокхолм, Мадрид исто така е главниот аеродром, Бари, исто така, Клен се оперирало и сега се враќа и Прага е исто така главниот аеродром. Тоа е многу голема разлика отколку аеродроми кои се ословуваат со главниот град или градот кој е поголем центар, но за жал не се такви. Нашата цел е да одиме на аеродроми коишто се најблиску до дестинациите каде што се лета и ќе продолжиме во следнит период. Очекувам за брзо време да имаме објава на нови дестинации“ – изјави Николоски.
Од ТАВ Македонија велат дека нивната цел е скопскиот аеродром да прерасне во регионален центар со поддршка на Владата и да се привлечат авиопревозници, особено за воведување летови до популарни дестинации за одмор. Сметаат дека воведувањето на нови летови ќе го зајакне туризмот во Македонија, но и ќе им овозможи на Македонците краток одмор во евроопските метрополи. Во првата половина од годинава од Скопскиот и Охридскиот аеродром вкупно се превезени 1,5 милион патници што е зголемување за 5 проценти, односно 11 проценти.

