Реклама
Економија

Македонија се поатрактивна за странците, за една недела инвестиции од над 60 милиони евра и стотици нови работни места

Македонија високо на мапата на странските инвеститори. Компаниите кои веќе работат во…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонија високо на мапата на странските инвеститори. Компаниите кои веќе работат во земјава поради поволната деловна клима ги прошируваат капацитетите, а нови фирми се заинтересирани да градат фабрики во Македонија. Силната промоција на земјава во Европа, арапските држави и воопшто на глобално ниво, ја прави Македонија атрактивна за бизнисмените. Освен тоа, и домашните фабрики ги прошируваат капацитетите.

Само во последнава седмица, беа објавени две нови инвестиции. Првата на домашната фармацевтска компанија Реплек која стави во функција нов погон вреден над 2 милиони евра. Втората во износ од 30 милиони евра и нови 300 вработувања е инвестицијата на американски Гентерм во Прилеп. Томас Штокер, потпретседателот и генерален менаџер за Европа, Африка и средна Азија на Гентерм посочи дека ова е значајна инвестиција и дека тоа го прават затоа што веруваат во луѓето и во поддршката на Владата. Гентерм одлучи да префрли еден од најсложените проекти, од други погони од Европа, во фабриката во Прилеп.

Добрите перформанси на стопанството ги потврди и државната статистика. Во првите три месеци од годинава целокупната економија порасна за над 3% со што Македонија се вбројува меѓу четирите најдобри во Европа. Во мај пак, извозот во кој и тоа како придонесуваат странските инвеститори, по подолг период забележа пораст од огромни 23,44%. Истиот месец, добри резултати имаше и индустриското производство со раст од 9,4%, при што преработувачката индустрија се зголеми за 9 отсто споредено со истиот месец лани. Владата очекува добри перформанси и во време на зголемени притисоци однадвор и економски раст од 3,7% во 2025 година.

Реклама

„23% е во однос на евра и денари, во однос на долари е преку 28%. Она што многу повеќе ме радува е што увозот е многу помал. Увозот меѓу евра и денари е околу 8%, а во долари околу 12%, 13%. Ако ги споредите април и мај од оваа година со април имај 2024-та, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит. Тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП“ – вели премиерот Христијан Мицкоски.

Премиерот во неколку наврати посочи дека економијата заздравува, а инвеститорите се враќаат во државата. Тој потврди и нова инвестиција во индустриската зона во Штип. Планот е на есен да се удри камен – темелник на фабрика која ќе произведува батерии, а производството ќе биде наменето за извоз. Според првичните податоци, инвестицијата е во вредност од 35 милиони евра, доаѓа од европска држава и треба да вработи до 150 луѓе. Планот е за три години да извезува 300 милиони евра. Освен оваа, уште три  мултинационални компании веќе донеле интерна одлука за инвестирање во земјава . Очекувањата се дека четирите фабрики ќе бидат во вредност од над 150 милиони евра и ќе се отворат нови 1.300 работни места.  Директорот на ТИРЗ уверува дека напорната работа ќе резултира со инвестициски циклус од над една милијарда и 200 милиони евра странски инвестиции во првата година од мандатот на Владата.