Реклама
Економија

Македонскиот извоз се опоравува – најголем месечен пораст на извозот годинава

Македонскиот извоз со забрзан раст. По подолга стагнација, месец мај бележи не…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонскиот извоз со забрзан раст. По подолга стагнација, месец мај бележи не само мало зголемување, туку пораст од огромни 23,44%. Домашната економија која се стреми да оствари раст од 3,7% годинава, и тоа како смета на поголемиот извоз, пред се од странските компании кои работат во индустриските зони, но и зголемена прекугранична трговија на домашните фирми. За премиерот Христијан Мицкоски ова е и тоа како добра вест за економијата. Според него, овој податок доаѓа во вистинско време, во услови на стагнација на европскиот пазар и предизвиците со кои се соочува автомобилската индустрија, бидејќи најголем дел од странските компании кои работат во зоните произведуваат разни делови за големите автомобилски гиганти кои сега се во огромна криза.

Бележиме раст на македонскиот извоз во првите пет месеци од 2025 година, во периодот Јануари-Мај, македонскиот извоз порасна за 3,15% во евра, споредено со увозот за истиот период кој порасна за 1%. Поголем извоз, повеќе пари за македонските граѓани. После месеци и години пад, конечно раст за македонската економија. Расте туризмот, расте БДП, расте индустриското производство, растат инвестициите, расте извозот…, Богата Македонија е силна Македонија! Оваа година ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија! – пишува премиерот Христијан Мицкоски.

Растот од над 23 проценти на извозот во мај е најголем месечен раст на извозот годинава. 2025-та почна релативно добро, со пораст на извозните активности во јануари од 5% и на увозот на стоки и услуги од 6%. Сепак, објавата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемени царини за увезени автомобили и делови од Европа, преговорите за нивно намалување кои се уште не се завршени со Европската Унија, како и ескалирањето на воените конфликти во Украина и на Блискиот Исток, драстично ја влошија состојбата. Следните три месеци забележаа негативен тренд. Во февруари извозот се намали за 1%, во март за 3 отсто, а во април за 5 и пол проценти. Поради енормно големиот пораст на извозот во мај од над 23%, наспроти зголемувањето на увозот од 8,6%, се подобри и трговскиот биланс на земјава. Покриеноста на увозот со извозот во мај  изнесувала 77,1%, наспроти просекот од 71 отсто во првите 5 месеци од годинава.