Од денеска, објавувањето на цени онлајн повеќе не е избор, туку и обврска. Маркетите, продавниците за бела техника, салоните за мебел, аптеките, се должни со закон за заштита на потрошувачи да ги прикажат на интернет кој производ колку чини, јасно и достапно за секој. Дел од трговците се прилагодија веднаш на законските одредби, дел пак се уште немаат ништо објавено на своите веб страници или пак само промитивни каталози со попусти. Инспекторите ги следат, дали го почитуваат законот.
„Во моментов инспектори на Државниот пазарен инспекторат ја следат состојбата со објавените цени на сите маркети, продавници, аптеки на нивните веб страни. Се уште е рано да кажеме колку од нив не ги имаат извршено обврските. Очекувам целосниот извештај од работата на инспекторите да го добијам во вторник, кога ќе ја имаме точната бројка на трговци кои го немаат испочитувано законот“, изјави Влатко Стојковски, директорот на Државниот пазарен инспекторат.
Повеќето граѓани ја поздравуваат мерката и велат дека така ќе можат да си проверат на интернет, кој производ каде и колку чини и ќе си одредат каде ќе ги трошат своите пари, наместо да губат време да шетаат по маркети за да направат разлика во цените. Дел пак велат дека ќе треба време да се променат навиките.

…„Како граѓанин кој се интересира за животниот стандард, би ги проверувал цените…Кога купувам онлајн, да ги проверувам. Мислам дека е добра мерката затоа што треба да бидат транспарентни цените…Интересна е работата, но, ќе видим во пракса колку ќе ми значи…Па ќе прошетам што ми треба ќе си земам…Па обично си шетаме и си гледаме. Онлајн не гледаме… Влези во продавница ако е евтино ќе си купиш, ако не е ќе си искочиш ќе си бараш на друго место…Не немам навика…Не верувам на тие маркети многу. Едно пишуваат, друго пуштаат, сме смалиле од 50 ги дигнале на 70, е сега сме смалиле на 60, значи они пак ги дигнале цените од 50 на 60. Ќе ги проверувам за да видам дали се вистински или лажни цените…“, велат граѓаните.
Надлежните апелираат доколку граѓаните забележат дека на веб страницата не е поставена цена или е поставена ама не е иста со таму каде што се купува, да го пријават случајот во Пазарниот Инспекторат. Казните за непочитување достигнуваат и до 10.000 евра.
Министерот за економија вели дека трговците имале рок од 45 дена да се прилагодат. Во однос на аптеките и новоформираната стопанска комора на мали трговци кои побараа пролонгирање на рокот за прилагодување, порача дека законот е веќе на сила и не може против него, но сепак подготвен е да ги слушне нивните размислувања.
„По празниците идната недела ќе се состанеме ќе ги слушнам барањата и ќе го кажам моето образложение зошто законот стапи на сила и треба да биде функционален. Транспарентноста треба да биде поголема кај трговците граѓаните треба да знаат каде да пазарат поетвино. Треба да им излеземе во пресрет. Овие мерки се во интерес на граѓаните“, изјави министерот за економија Бесар Дурмиши.
Со објавувањето на онлајн цените очекувањата се дека ќе се зголеми конкуренцијата и ќе се намалат цените. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија им сугерираат на надлежните да се направи, посебен веб сајт каде што на едно место ќе можат да се најдат цените од сите маркети, за полесно да се прави споредба.
„Ќе помогне во транспарентноста, ама треба да и се даде некое предимство на нашата институција или организација или слично да врши компаративна анализа на тие цени. Значи, да ги споредува. Ама за тоа треба и владата да ни даде пас. Еве сега ова е одлична мерка нели. Меѓутоа еден потрошувач еве сега во Веро треба да влезе да види, ваму да види, таму да види. А на еден веб-портал ако влезе ќе ги види денес сите цени“, изјави Маријана Лончар Велкова, од Здружението на потрошувачи на Македонија.
Ажурирањето на цените треба да се врши секој ден до 10 часот, а во случај на ненамерна техничка грешка, трговецот е должен да ја коригира во рок од 24 часа. Доколку од страна на трговецот се нудат промотивни или попустни цени, на веб страницата треба да биде означена редовната цена, процентот или износот на намалувањето, како и времетраењето на промоцијата или попустот.
