Реклама
Економија

Пропаѓа тендерот за изведба и надзор на пругата кон Бугарија

Пропаѓа тендерот за изведба и надзор на пругата кон Бугарија. Ова го…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Пропаѓа тендерот за изведба и надзор на пругата кон Бугарија. Ова го најави Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во емисијата 360 степени на јавниот сервис. Владата ги повлекла членовите во Комисијата за евалуација, па на тој начин ќе пропадне јавниот повик. Николоски е дециден дека нема одново да го распише тендерот под истите услови. Инсистира на тоа дека проектот е неизводлив и покрај тоа што меѓународните институции кои даваат грантови и заеми го тврдат спротивното. Тој вели дека тие не сакаат да признаат дека она што го направиле не е добро, но фактите покажувале дека пругата би била поголем проблем и од автопатот Кичево – Охрид. Според него, вкупната вредност на третата делница од 560 милиони евра за 24 километри пруга по која ќе се вози до максимум 80 километри на час или 25 милиони евра по километар е прескапа за сиромашна земја како Македонија. Тој смета дека проектот е направен нестручно и дека доказ за неизводливоста на проектот е тоа што на тендерот се пријавиле неколку турски и една грчка компанија, но не и сериозни меѓународни конзорциуми.

Самото тоа што на тендерот се пријавија несериозни компании, се кажува. До денес јас не добив одговор од ниедна од овие институции, зошто не се пријави ниедна германска компанија, ниедна француска, ниедна италијанска компанија – како три држави со добри железници. Повеќе од половина милијарда евра за 24 километри, се многу пари за каде било во Европа. И ова би било топ интерес на која било голема европска компанија. Зошто ниедна од големите европски компании не се пријави? Јас ќе ви одговорам, затоа што мислат дека проектот не е изводлив. Разговарав со една таква компанија, ги прашав директно – зошто не се пријавивте? Состанокот беше на друга тема, но искористив прилика и ми рекоа – зашто проектот не е изводлив“ – вели Александар Николоски – Вицепремиер и министер за транспорт

Николоски признава дека ако тендерот пропадне и не се ретендерира по истите услови, парите ќе пропаднат. Сепак, смета дека ако не се почне со градба навреме, финансии секако ќе се изгубат. За потсетување, Македонија веќе плати 6,5 милиони евра пенали за неизградба на втората делница од пругата. Николоски тврди дека и да успее тендерот, со градба не може да се почне навреме, бидејќи теренот е непристапен и до него може да се стигне единствено преку пруга, па ако втората делница не е целосно завршена, не можела да почне ниту градбата на третиот дел навреме.

Реклама

Камиони и авотбуси не можат таму да одат и единствен начин да се носат работници и машини е преку пруга. За да можат да се носта преку пруга, треба да се заврши втората секција. Втората секција во моментов е изградена 20 проценти, касни изведувачот. Рокот му е до крај на следна година, веројатно ќе побара две години продолжување. Епа, како ќе го воведеме изведувачот оваа есен, а пругата нема да биде завшрена ни до крај на 2027 г. или да одиме само по договорите. Толку се стручни овие што го пишувале тендерот. Согласно иницјиалниот договор за изведба на втората секција, таа треба да е завршена до крај на 2025 година, а за да се пристапи на третата секција треба да се користи пруга. Епа, како вие можете да речете дека ќе воведете некого во работа во септември 2024 г., ако претходно сте пишале во претходниот договор дека треба да е завршен декември 2025 г. И на сите овие прашања јас не добив стручен одговор“ – вели Александар Николоски – Вицепремиер и министер за транспорт.

Николоски не се откажува од изградба на пругата кон Бугарија. Смета дека е погрешно што Македонија и Бугарија самите распишуваат тендери за железницата. Според него, подобро би било ако двете земји заеднички го направат проектот, побараат финансии и најдат изведувачи. Експертите седнале на заедничка маса, но не и политичарите. И македонската и бугарската страна досега неколкупати одбиле средба, но Николоски сега вели дека сака да се сретне со Бугарската страна, за да падне договор. Сепак, не е е оптимист и не гледа логика дека до тоа ќе дојде, барем не до формирањето на новата бугарска влада. Николоски вели дека Бугарите признале дека немаат извршено експропријација на земјиштето, ниту проект за делницата од 2,5 километри од Ѓуешево до македонска граница, а им требале над милијарда евра за реконструкција на пругата на потегот од Ѓуешево до Софија.