Советот на Општина Куманово го усвои Акцискиот план за зелена инфраструктура за периодот 2027–2031 година, документ изработен во рамки на проект за прекугранична соработка со Општина Ќустендил од Република Бугарија. Директорот на Центарот за развој на Североисточниот плански регион, Младен Протиќ, образлжи дека Центарот, како проектен партнер на двете општини, ги спроведува таканаречените „меки мерки“ преку програмата ИНТЕРРЕГ за прекугранична соработка. Во рамки на проектот е изработена заедничка стратегија за зелена инфраструктура за прекуграничниот регион, како и предлог-акциски планови за Куманово и Ќустендил, кои по нивното усвојување ќе бидат обединети во еден документ.

-Акцискиот план за Куманово за периодот 2027–2031 година претставува оперативен документ за спроведување на заедничката стратегија за зелена инфраструктура 2026–2036 година. Тој треба да ги преточи регионалните стратешки цели во локални, просторно насочени и временски определени активности. Документот ги утврдува просторните и тематските приоритети за развој на зелената и сино-зелената инфраструктура, мерките и проектните активности што треба да се подготват и реализираат, нивните носители и партнери, механизмите за координација, индикаторите за следење на напредокот, како и можните извори на финансирање. Акцискиот план не ја заменува потребата од соодветна проектна, техничка и еколошка документација – рече Протиќ.

Тој посочи дека спроведувањето на стратешките документи е предизвик и рече дека дел од нивните мерки не се реализираат поради недостиг од финансиски средства, како и поради недоволната координација меѓу институциите што се носители на развојните политики. На предлог на советниците ќе се организира работна група со вклучување на општината, јавните претпријатија, институциите, образовните установи и месните заедници.

