Изградбата на автопатот Кичево – Охрид, која со децении тапкаше во место, со целокупната потребна документација, ќе биде завршена и пуштена во употреба во предвидениот рок, заклучно со месец мај идната година. Со одлична динамика се работи на делницата од 57 километри, а во моментов се тестираат тунелите на автопатот според најновата европска директива за безбедност во сообраќајот. Целта е да се обезбеди највисоко ниво на сигурност пред пуштањето во употреба.
Министерот за транспорт и врски Николоски истакна дека градежните работи на најтешката делница, од кичевското село Извор до Врбјани, се целосно завршени, а нејзиното ставање во функција го најавуваат во следните неколку недели. Притоа, пробиени се двете тунелски цевки со должина од 2.100 и 1.990 метри, што ги прави најдолги тунели во државава.
„Исто така, четирите галерии кои што се на овој дел се завршени. Завршен е и целосно трупот на патот, мостовите, вијадуктите, така што од градежен аспект целокупната работа е завршена. Она што го правиме во моментов е спроведување на најновата европска директива за безбедност во сообраќајот, особено во тунели, така што се прават сите потребни тестирања со цел да имаме највисоко ниво на безбедност во рамки на тунелот. И ова ќе е првпат оваа европска директива да биде применета не само во Македонија, туку во целиот регион“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
Што се однесува до изградбата на трасата од автопатот Требеништа – Ќафасан, четвртата делница од проектот со конзорциумот „Бехтел и Енка“, која што е спорна за УНЕСКО, Николоски нагласи дека ќе се најде решение и дека Струга нема да биде слепо црево, туку ќе биде автопатски поврзана.
„Се обидуваме да ја најдеме најоптималната варијанта која што ќе значи, секако, да го зачуваме статусот којшто го има целокупниот регион, не само градот Охрид и Струга, туку целокупниот регион. И очекувам за брзо време, можеби и со почетокот на градежната сезона, да имаме градежни активности. Јас лично нема да се мешам, затоа што претходно некои пред мене на слична позиција ја одбрал рутата и очигледно ја погрешил. Ние сме политичари, носиме одлуки врз основа на она што го имаме како информација пред нас од експертите. Оваа одлука мислам дека треба да ја донесат експертите и за животна средина и секако за градежништво“, истакна Николоски.
Работите на останатите автопатски делници што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ се одвиваат со различна динамика. На делницата Тетово – Гостивар досега се реализирани 65 проценти од проектот, додека на потегот Гостивар – Букојчани напредокот на делницата од Гостивар изнесува 60 проценти, а изградбата на делот кај Букојчани допрва започнува. На автопатот Прилеп – Битола, пак, земјените работи се реализирани над 80 проценти.

