Владата интензивно работи на реформската агенда, пред се на законите кои се во грејс период. Станува збор за предлог законски решенија во неколку клучни сегменти, како јавната администрација, правосудството, дигитализацијата, транспортот и енергетиката. Премиерот Христијан Мицкоски се надева дека Македонија своите обврски, ќе ги исполни до крајот на годинава. Во моментов се работи на техничките делови, кои би требало да бидат финиширани во текот на овој месец, по што во декември предлог законите би влегле во собраниските процедура.
-Тоа е Законот за административни службеници или познатиот ЗАС, имаме тука една две точки на кои што разговараме со Европската Комисија. Потоа Законот за вработени во јавна служба или јавен сектор и тука имаме една или две забелешки на кои што ќе работиме на техничко ниво оваа недела. И третиот е за високи раководни служби и тука имаме една две забелешки. И конечно новиот закон за оружје, тука имаме комплетно различни погледи, изјави Мицкоски.
Во Брисел на разгледување веќе се испратени новиот Кривичен законик и новиот Закон за кривична постапка и за нив се чекаат сугестии. Се работи и на законите за Јавно обвинителство, Советот на јавни обвинители и Судскиот совет. Тука пречка до сега биле финансиите, но вели има согласност и треба да се добие зелено светло од Европската Комисија.
-Тука имаме една точка која што е камен на сопнување, а тоа се практично буџетите, односно процентот. Ние имаме 0,8 проценти од БДП за судскиот буџет, законска одредница и 0,5 проценти за Јавното обвинителство. Претходно имавме состанок со претседателите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и разговаравме околу начинот на скалесто зголемување на буџетите, дојдовме до еден компромис, изјави Мицкоски.
Со Планот за раст за Македонија се предвидени 750 милиони евра. Во мај годинава за спроведените реформи добивме 65,7 милиони, што беше највисок износ во регионот во тој циклус. Наредниов период предвидено е да добиеме дополнителни 140 милиони евра, како награда за успешно спроведениот реформски пакет.
Матеја Петровски

