По цели три децении чекање, скандалозни измени кои ослободија функционери од кривична одговорност и закони коишто не можеа во целост да се применат во пракса, македонските граѓани добиваат нови казнени закони. Нов Кривичен законик, и нов Закон за кривична постапка. Министерството за правда ги доставило двата нацрт-текста до Европската комисија на мислење. Оттаму информираат дека официјално се доставени Нацрт-кривичниот законик и Нацрт-законот за кривичната постапка до Брисел. Како што велат целта е темелна реформа на казненото законодавство.
Детали што точно содржат новите законски решенија и што ќе биде со оние членови чии измени запреа истраги против функционери за корупција, поради застарување, засега нема. Сепак се очекува со новите решенија конечно да се решат проблемите со долгите истраги и судски постапки, и да засили борбата против корупцијата.
Значењето на овие решенија не е само во нивната правна содржина. Тие треба да овозможат истрагите и судските постапки да се водат поефикасно, доказите да се обезбедуваат и користат согласно современите стандарди, а жртвите на кривични дела да добијат посоодветна заштита. Истовремено, институциите треба да добијат појасна законска основа за постапување и справување со криминалот и корупцијата, инфомираат од Министерството за правда.
Изработката на нов Кривичен законик, наместо изгласување на негови измени беше неопходен чекор со оглед на постојаните критики од Европската комисија за судството, недостигот на резултати од борбата против корупцијата, неажурноста на судовите како и нискиот процент на доверба на граѓаните.
Паралелно се работеше и на новиот Закон за кривичната постапка поради нелогичности коишто не можеа да се применат во пракса, а беа дел од стариот закон од 2010 година. Новиот закон треба да донесе построга конфискација на имот, а новина е одржување на рочишта и изведување на докази на далечина. Исто така ќе бидат воведени и електронски докази.
Подготовката на овие клучни законски решенија започна уште во 2019 година. Законите, кои се клучни за борбата против криминалот и корупцијата, се изработуваа со години од страна на домашни и странски експерти, а нивното донесување е дел од обврските од европската реформска агенда.
Додека се чекаше на подготовката на новите закони, бурни рекации во јавноста предизвикаа измените на Кривичниот законик од 2023 со коишто голем број на функционери беа ослободени од кривична одговорност поради застарувањето на делата што им се ставаа на товар. За овие измени реакции имаше и во Брисел.

