Свечено отворање на музејската поставка во спомен на блаженоупокоениот архиепископ охридски и македонски Гаврил, по повод 30-годишнината од неговото упокојување, ќе се реализира во текот на утрешниот ден, информираа од Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи.
– Одбележувањето е предвидено во Годишната програма на Собранието за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности. Во таа насока, Комисијата самостојно го организира и реализира настанот, во соработка со Македонската православна црква – Охридска архиепископија – пишува во соопштението.
Како што се додава, одбележувањето ќе почне во 10:30 часот, во манастирскиот храм „Свети Наум Охридски“ во населбата Радишани, каде што се наоѓа неговото вечно почивалиште.
– Во рамките на одбележувањето ќе се отслужи панихида пред гробот на архиепископот Гаврил. Централен дел од програмата е свеченото отворање на музејската поставка, сместена во манастирските простории – се додава во соопштението.

