Во најкус рок ќе продолжи земањето на мострите за лабораториски испитувања согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните, а тековно ќе се врши и исплата на обврските за реализираните ветеринарни активности согласно програмите, договорија денеска претставниците на Ветеринарната комора и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Јовица Андовски.
Андовски оствари работна средба со ветеринарите кои претходно одржаа мирен протест пред АХВ. Прифатени беа дел од нивните барања за продолжување на почнатиот дијалог и решавање на актуелните проблеми со кои се соочува струката.

Директорот, по средбата, преку соопштение информира дека работна група со претставници од АХВ и Комората ќе работи на анализа врз основа на која ќе се направат промени на Методологијата за дефинирање на цените на ветеринарните услуги кои, како што истакнаа претставнитците на Комората, не се коригирани неколку години. Било констатирано и дека претстои сериозна активност на терен – вакцинација на малите преживари против болеста сипаници кај овци и кози.
Андовски го поддржа мирниот протест на претставниците на Ветеринарната комора и истакна дека АХВ останува отворена за дијалог и соработка секогаш кога постојат отворени прашања. Изрази и уверување дека решенијата треба да се бараат низ партнерски однос, конструктивна комуникација и соработка со цел изнаоѓање соодветно решение кое ќе биде прифатливо за двете страни.
Ветеринарната комора ја поздрави отвореноста на АХВ за соработка, но укажа дека Буџетот за 2027-ма е повеќе од три пати намален во однос на претходните години. Предупреди дека без пари тешко ќе оди справувањето со болестите.
Комората повтори и дека бара корекција на цените на ветеринарните услуги од јавен интерес, нивно усогласување со реалните трошоци на работење, како и обезбедување редовна, континуирана и навремена исплата на сите обврски кон ветеринарните друштва. Ветеринарите остануваат и на децениското барање – намалување на стапката на ДДВ за ветеринарните услуги.

– Апелираме на потребата од зголемување на буџетот и реално покривање на сите трошоци што ги имаат ветеринарните друштва. Соочени сме со многу болести во нашето опкружување и кај нас. Ја знаете ситуацијата со сипаниците кај овци и кози што моментно ја имаме. Африканската чума кај свињите ни чука постојано на врата. Чумата кај малите преживари ја има во соседството. Ситуацијата е крајно алармантна и не можеме без пари да се соочуваме со таа состојба. Уште еднаш апелирам до Владата да го преиспита буџетот за 2027 година и да ги зголеми средствата. Со директорот на АХВ разговаравме, со наши и напори на АХВ да се направат корекции наредната година и да се додадат дополнителни средства за потребите на ветеринарната професија, изјави претседателот на Ветеринарна комора, Жарко Михајловски, по средбата во АХВ.
Според него, Европската комисија во последниот Извештај за напредокот нотира дека ветеринарната служба треба да биде соодветно финансирана.
– Тоа значи дека треба да се обезбедат финансиски средства за ветеринарите да можат ревносно да ги извршуваат своите функции. Болестите не познаваат граници. Демнат постојано над нас и ние мора да се справиме со нив, но без пари тоа ќе оди многу тешко, потенцира Михајловски.
Како еден од најгорливите проблеми, тој го посочи прекинот на работа на лабораторијата на Ветеринарниот факултет и неможноста за приемот на мостри за здравствена заштита на животните.
– Директорот на АХВ најави дека во текот на неделата тој проблем веќе ќе биде решен. Баравме да се смени и методологијата за официјалните контроли што инспекторите ги вршат врз активностите на ветеринарните друштва. За да се забрза отсуството на завршување на годишната наредба, тие контроли беа голема кочница. Ветеринарните лекари не можеа да ги извршуваат своите активности. Директорот се согласи да се смени методологијата колку што се капацитетите на АХВ. Значи, за два-три дена Агенцијата за храна и ветеринарство со лабораторијата треба да склучи анекс договор и да почне носењето мостри во лабораторијата, рече претседателот на Комората.
Тој информира дека веќе 10 дена се прекинати активностите за земање мостри за здравствена заштита.
– Ако не продолжиме да земаме мостри, ако не ја спроведеме Годишната наредба, оној што произведува млеко не ќе може да го носи во млекарница, оној што произведува месо не ќе може да го носи во кланица. Запрени се сите движења на животни, запрена е и трговијата. Сега е блокирана работата. Услов за добивање субвенции е извршување на сите мерки според Годишната наредба. Се надеваме дека многу скоро ќе почне лабораторијата да работи и дека ќе успееме во крајниот рок да ги завршиме барањата од Годишната наредба за здравствена заштита, нагласи Михајловски.
Ветеринарниот лекар и член на Комората, Никола Симоновски, порача дека ветеринарите, додека медицината се занимава со проблемот на единката, човекот, се занимаваат со здравјето на нацијата.

– Целта на овој јавен собир не е да се создадат немири. Само сакаме да укажеме на предизвиците со кои се соочуваме. Бевме примени од директорот на АХВ и можам да кажам дека дел од проблемите се решени, а на другиот дел активно се работи. Но, ние имаме одреден број барања, меѓу кои: обезбедување стабилно и одржливо финансирање на ветеринарното здравство, навремено донесување и целосна реализација на Годишната наредба и обезбедување средства за спроведување на мерките за здравствена заштита на животните. Бараме нашата професија да се респектира, да се преиспита постојаниот модел на финансирање и организирање на лабораториската дијагностика, да се надмине долгогодишниот финансиски дисбаланс помеѓу лабораториските и теренските ветеринарни услуги, како и да се разгледа нов концепт за избор на лаборатории и можност за вклучување на ветеринарните друштва во дел од дијагностичката активност за поцелосно и навремено нејзино реализирање, посочи Симоновски.
Ветеринарната комора потврди дека на ветеринарните друштва им се подмирени обврските за 2025 година.
Барањата денеска, како што беше речено по средбата во АХВ, ќе бидат доставени до Владата.

