Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата држава, полицијата утврдила 19 кривични дела „безобѕирно управување со моторно возило“, при што 17 лица се лишени од слобода, а со едно лице е извршен службен разговор.
-Од лицата опфатени со полициските постапки, 11 управувале возило без положен возачки испит или без да се стекнат со право на управување. Меѓу нив се Ф.М.(27) од село Романовце, Кумановско, А.Ш.(20) од село Доброште, малолетник од село Горно Седларце, 16-годишен малолетник од село Здуње, кој управувал мопед, А.А.(35) од село Градец, М.П.(42) од Скопје, Д.М.(19), А.С.(20), Е.Е.(25) и А.С.(30), сите од Скопје. Во еден од случаите, со И.В.(25) од Кавадарци, е извршен службен разговор, соопшти МВР.
Во шест случаи возачите управувале возило под дејство на алкохол. Кај Х.Ј.(29) од Битола биле измерени 3,23 промили алкохол во крвта, кај Х.П.(28) од Охрид 1,68 промили, кај З.Н.(55) од Македонски Брод 1,74 промил, кај И.С.(40) од Скопје 2,20 промили, кај Б.М.(35) од село Нивичани, Кочанско, 2,03 промили, а кај Е.П.Е.(63) од Струмица 1,55 промил алкохол во крвта.
-Дополнително, Б.П.(20) од Битола учествувал во сообраќајна незгода со материјална штета, управувајќи патничко возило „шкода“ без регистарски ознаки и без да поседува возачка дозвола. Б.П.(29) од Скопје управувал возило без да се стекне со право на управување, а со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола, наведува Министерството за внатрешни работи додавајќи дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат моторно возило без положен возачки испит, без стекнато право на управување или под дејство на алкохол.
-Родителите и старателите да не им дозволуваат на малолетни лица да управуваат моторни возила пред да ги исполнат законските услови. Само со одговорно однесување и почитување на прописите можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај и заштита на човечките животи, порача МВР.

