Би сакал да се осврнам на последните случувања поврзани со барањето за надзорна расправа на Комисијата за финансирање и буџет.
Како што знаат македонските граѓани, на 2 ноември, на иницијатива на Социјалдемократскиот сојуз, а поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, со консензус беше донесена одлука на Комисијата за финансирање и буџет да се одржи надзорна расправа за случајот со Алта банка, стои во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај тоа што имавме консензус за одржување на надзорната расправа, втората работа за која имавме целосен консензус беше таа да се одржи најбрзо што може.
Расправата е закажана за 11 ноември, односно девет дена од донесувањето на одлуката, и тоа наводно е најбрзото што може.
А сите знаеме дека девет дена не е нешто што е навистина брзо.
Девет дена се користат за ширење страв, хистерија во општеството, манипулирање и лажни вести.
Интересот на Социјалдемократскиот сојуз и на Венко Филипче не се ниту штедачите во банката, ниту луѓето кои се пензионери и земаат пензија од таа банка, ниту пак компаниите кои имаат сметки во Алта банка.
Единствениот интерес на Венко Филипче е ширење вештачка криза, која потоа ќе му користи исклучиво за ден повеќе да ја задржи фотелјата во рамки на Социјалдемократскиот сојуз.
Финансиската стабилност, монетарната политика, курсот на денарот и стабилноста на банкарскиот систем се дел од националната безбедност на Република Македонија.
Почитувана јавност,
Сметаме дека со ширење хистерија, страв кај населението и предизвикување несигурност помеѓу граѓаните, исклучиво преку лажни вести и полувистини, обвинителството треба да се вклучи и да даде свој придонес во оваа ситуација.
Оваа тема не е дневна политика и не смее да служи за зачувување на фотелјата на Венко Филипче во рамки на Социјалдемократскиот сојуз.
Нашата цел е што поскоро да се одржи надзорната расправа, на која ќе бидат вклучени сите кои директно или индиректно имаат какво било влијание, согласно закон, во целата ситуација поврзана со банката.
На таа надзорна расправа, преку прашањата на пратениците до надлежните функционери и институции, целата македонска јавност ќе може да ги слушне фактите и да добие одговори.
Тогаш ќе стане јасно дека сите овие лаги, полувистини, шпекулации и ширењето хистерија се исклучиво во функција на зачувување на столчето на Венко Филипче во Социјалдемократскиот сојуз.
Повторувам, на 2 ноември имавме консензус не за една, туку за две работи. Првата беше да има надзорна расправа, а втората таа да се одржи веднаш, најбрзо што може.
Народски кажано, утре! Нека не биде утре, нека биде за два-три дена.
Но, девет дена е само купување време со цел да се шири паника, несигурност и хистерија во македонското општество.

