Во Детскиот културен центар „Карпош“ денеска почнува локалниот семинар CreArt – „Дигитален маркетинг и користење алатки за промоција на уметници“. Семинарот е наменет за запознавање на младите уметници со современите стратегии, платформи и дигитални алатки кои може практично да ги применат во промоцијата на нивното творештво.
Како што информира ЈУ Детски културен центар „Карпош“, семинарот опфаќа панел-дискусии за дигиталниот маркетинг каде што се создаваат нови можности за уметниците да ја претстават својата работа, да изградат препознатлив личен и професионален бренд и да допрат до поширока публика преку современи дигитални канали.
-Целта на семинарот е споделување успешни практични примери за самостојно користење на дигиталниот маркетинг и користење алатки за промоција на уметници, со цел зголемување на нивната видливост, препознатливост и комуникација со релевантната публика. Преку практични примери, интерактивна работа и размена на искуства, учесниците ќе стекнат знаења за креирање содржини, користење на социјалните мрежи, градење дигитален идентитет и избор на соодветни алатки за професионална промоција, најавува директорката на Центарот, Билјана Лалчевска-Серафимовска.
Панелисти кои ќе дискутираат во првата сесија, на тема „Дигиталниот маркетинг во уметноста – од идеја до онлајн видливост“, ќе бидат проф. д-р Ана Секуловска-Јовковска од Факултетот за информатика од Универзитетот „Скопје“, проф. д-р Тони Васиќ, продекан на Факултетот за архитектура и дизајн од Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, Ана Марија Макеска, маркетинг-директорка во „Brainster“ и новинарката Весна Ивановска-Илиевска.
Во втората сесија, на тема „Алатки и стратегии за промоција на уметници – практични пристапи и успешни примери“, ќе дискутираат: Срна Гугуловска, основач и директор на „Two by Four“, Јана Иванова, потпретседателка за маркетинг во AИЕСЕК Скопје, Јована Велкова, фриленс графички дизајнер и Стефан Смиљаноски, директор во маркетинг агенцијата „Division“.

