Зајакнување на меѓуинституционалната соработка и обезбедување побезбедна и поефикасна размена на податоци во борбата со организираниот криминал, корупцијата, перењето пари и финансирањето тероризам е целта на Меморандумот за соработка што денеска ќе го потпишат шест државни институции во рамки на проектот „Воспоставување систем за евиденција, податоци и управување со предмети на органите на прогонот“ (LERMS), финансиран од Европската Унија.
Меморандумот ќе го потпишат претставници на Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање и Агенцијата за управување со одземен имот.
Со проектот LERMS се воспоставува заедничка, автоматизирана и одржлива платформа што ќе ги поврзе шесте институции и ќе овозможи безбедна размена на податоци, автоматизирано статистичко и аналитичко известување, како и следење на предметите низ целиот кривично-правен процес.
Според организаторите, системот ќе овозможи следење на постапките од предистражните дејствија и кривичните пријави, преку обвинителските и судските постапки, до финансиските истраги и постапките за одземање и конфискација на имот, со што ќе се зајакнат координацијата и отчетноста на институциите.
На настанот се очекуваат обраќања на претставничката на Делегацијата на Европската Унија во државава Роберта Кортезе, јавниот обвинител на Македонија Ненад Савески и заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, како и присуство на директорите и раководителите на институциите потписнички на меморандумот.

