Секогаш ќе има поединци што ќе го злоупотребуваат системот, но битно е дека МВР и правдата функционираат. Човекот е откриен, се води истрага и понатаму ќе ги сноси сите консеквенции за нелегалните активности што ги направил, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со истрагата што вчера ја отвори МВР за вработен на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип поради сомнителни манипулации со оценки и испитни бодови.
Министерката истакна дека ги охрабрува студентите, вработените на универзитетите и факултетите и сите граѓани да пријавуваат вакви нелегални активности.
– Системите на факултетите се електронски, меѓутоа секогаш има човек кој работи на тој систем. Секогаш може да се случи незаконско дејство, но важно е дека ние сме успеале тоа да го откриеме. Важно е да го спречиме и да им пратиме порака на другите, кои би помислиле дека може такво нешто да направат, да се откажат од тоа. Не е прв случај каде што имаме пријави. Секаде каде што сме имале пријави, ДПИ (Државниот просветен инспекторат) постапува и имаме и неколку случаи за кои се водат судски постапки, ќе видиме како ќе завршат. Овде ДПИ нема зошто да постапува, полицијата постапува, изјави Јаневска по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека МВР и повеќе негови сектори вчера презеле акција по индиции за прекршување на законот од страна на вработен на Универзитетот во Штип.

– Лицето се сомничи дека спротивно на закон вршело одредени дејства за корекција на оценки на студенти на универзитетот, за што постојат соодветни докази коишто му даваат право на МВР, по наредба на Јавното обвинителство, да ги преземе чекорите што ги презеде. Најдовме и одредени докази во таа насока, така што се надевам дека во останатиот дел од процесот ќе се докаже теоријата на случај која ја изнесе Обвинителството во соработка Министерството за внатрешни работи, изјави Тошковски.
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР-Штип, СВР-Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР, по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип, вчера вршеле претреси на повеќе локации во Штип и во Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на Р.Т., раководител на информатички сектор при Универзитетот во Штип.
Според првичните информации и овој случај го имаат пријавено турски студенти, исто како што пред неколку месеци беше фатена професорка со обележани пари, за турски студент да добие преодна оценка на испит.
Истрагата за новиот случај вчера ја потврдија и надлежните од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, а Ректоратот соопшти дека има „нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница“ и оти овозможува „целосна, неограничена соработка со МВР и надлежното обвинителство за брзо и целосно расчистување на случајот“.

