Тринаесет ученици од образовниот профил „Дигитален маркетинг“ од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ започнаа со практична настава во Управата за јавни приходи во рамки на програмата за учење преку работа, што ќе се реализира до 20 мај 2027 година.
Активностите се спроведуваат врз основа на меморандумот за соработка меѓу УЈП и училиштето, со цел учениците да стекнат практични знаења и искуства во реална работна средина и непосредно да се запознаат со работата, надлежностите и организациската поставеност на институцијата.
По повод почетокот на програмата, директорката на УЈП, Елена Петрова, ги пречекала учениците и им посакала успешно стекнување нови знаења и практични вештини. Во почетната фаза, учениците ќе бидат запознаени со функционирањето на институцијата, професионалните стандарди, службената комуникација и работната дисциплина, како и со правилата за доверливост, даночна тајна и заштита на личните податоци.
Во текот на практичната настава тие ќе бидат вклучени во работата на различни организациски единици на УЈП, каде под менторство на даночни службеници ќе имаат можност да се запознаат со конкретни работни процеси и да стекнуваат знаења соодветни на нивниот образовен профил.
Од УЈП посочуваат дека со проектот ја потврдуваат својата посветеност на поддршката на практичното образование и развојот на младите кадри преку поблиска соработка со образовните институции.

