Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара надзорната расправа за Алта банка да се одржи што е можно побрзо.
Пратеникот Бојан Стојаноски на прес-конференција побара претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет Сања Лукаревска да ја закаже надзорната расправа уште утре.
– Денеска беа свикани пратеничките групи на координација. Ние побаравме надзорната расправа да биде одржана утре. Видовме дека од страна на СДСМ има одредено колебање дали тоа да биде така или не. За таа цел, ние предложивме да ги скратиме сите можни процедури коишто се дадени во Деловникот, за да можеме и гостите да ги поканиме во текот на денешниот работен ден, а и на сите отворени прашања поврзани со оваа тема да дадеме одредени одговори. Не ни беше одговорено до овој момент на нашето барање. Затоа ние, согласно можностите коишто ни ги дава Деловникот, до претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, согласно член 126 став 2 од Деловникот на Собранието, собравме една третина од потписите од членовите и замениците-членови на Комисијата за финансирање и буџет – рече Стојаноски.
Од ВМРО-ДПМНЕ со порака до СДСМ ако се искрени во намерата да ја закажат надзорната расправа.
– Ајде да не одложуваме повеќе и утре, веднаш и неодложно, да ја одржиме надзорната расправа. Секако, и ние ќе ги поставиме сите оние прашања коишто ја интересираат јавноста, бидејќи сметаме дека се создава паника таму каде што нема потребa, а сметаме и дека граѓаните заслужуваат одговори на овие прашања, рече Стојаноски.

